Снимавме две помали хрватски фирми, но цената беше превисока
Ви пренесуваме дел од интервјуто за хрватски „Глобус“ на претседателот на Управниот одбор на Алкалоид Живко Мукаетов.
Кога влегува во просторијата полна со новинари, Претседателот на Управниот
одбор и Генерален директор на една од најуспешните македонски фирми, „Алкалоид“,
Живко Мукаетов, се ракува со секој претставник од медиумите, а потоа тргнува
кон својата фотелја на челното место на масата.
Неговите директори седнуваат дури откако ќе седне самиот Мукаетов, еден од најбогатите Македонци и човек чијашто компанија минатиот месец прослави 80 години постоење.
По тој повод „Алкалоид“ организираше посета на новинари во своите погони, а на роденденската прослава присуствуваа дури 1200 посетители.
Минатата недела најавивте дека сте заинтересирани за аквизиција во Хрватска. Каква компанија-партнер во регионот всушност барате? Дали се работи за преземање на некоја поголема индустрија или на некоја помала фармацевтска фирма?
Покрај органскиот раст, стратегијата на „Алкалоид“ предвидува и аквизиција на компанија надвор од Македонија. До сега во регионов беа таргетирани две помали фармацевтски фирми, со портфолија кои се комплементарни со нашите. Со една од потенцијалните аквизиции, го поминавме и процесот на due-diligence но преговорите завршија неуспешно. Во моментов разгледуваме уште неколку опции, но сеуште сме далеку од комплетирањето на процесот на аквизиција.
Зошто пропаднаа преговорите со фармацевтските фирми? Каде запна?
Иако можеби ќе звучи како излитена фраза, преговорите пропаднаа пред сѐ заради финансиските услови. Нивните нереални предвидувања во врска со растот на продажбите и самата фирма имаа влијание врз финалната цена на чинење, која беше превисока, а реалните состојби, според нашите анализи беа далеку од нивните предвидувања.

Доколку не успеете да го проширите работењето на нашата земја, кои земји во регионот најмногу ве интересираат?
Поради близината и сличните услови за водење бизнис, ние во 2010 година инвестиравме во нов производен погон во Белград, која инвестиција се покажа исплатлива. Со влезот на Хрватска во Европската Унија, каде „Алкалоид“ има своја подружница од 1969 г., се одлучивме за преземање фармацевтска фирма таму. Јас искрено би сакал некои евентуални преговори во Хрватска да успеат, поради фактот што веќе имаме околу 40 вработени во нашата база во Загреб и веќе воспоставени релации на тој пазар, за кој лично имам високо мислење. Но доколку овој потфат не успее, како интересни и недоволно експлоатирани потенцијали во сегментот на Европската Унија во моментов ги сметам пазарите на нова Европа: Полска, Романија, Чешка и Словачка.
„Алкалоид“ расте со импресивни стапки. Сепак, со оглед на конкуренцијата во светот, дали постојат изгледи дека „Алкалоид“ во иднина ќе мора да пронајде стратешки партнер со кој и натаму ќе го развива своето пробивање на светскиот пазар?
Доколку ја анализирате структурата на водечките шест фармацевтски компании во Југоисточна Европа, само три од нив се без странски сопственик, односно не се дел од некој поголем систем кој би им го олеснил пласманот и работењето. „Алкалоид“ е присутен и етаблиран на повеќе пазари во регионот, има моќно и модерно продуктно портфолио, специфични производи со додадена вредност, професионален, едуциран и обучен кадар и стандарди на работење кои се компатибилни со најстрогите светски регулативи. Можеби би било добро да имаме до себе стратешки партнер преку кој би освојувале нови пазари, меѓутоа, како независни, ние сме флексибилни и многу побрзи во протокот на информации и процесот на донесување одлуки. Проактивноста истовремено е и наша конкурентска предност.

Пазарот на лекови на глобално ниво е проценет на околу 650 милијарди евра изразено во цени на лековите франко-фабрика (еx-factory). Сите лекови кои се воведуваат на пазарот се резултат на долги, скапи и ризични истражувања кои во просек траат околу 12 години. Како резултат на тоа, во светот постојат сѐ помалку нови молекули, а со процесот на глобализација и трендот на намалување на цените на лековите, државните фондови креираат подобри можности за генеричките производители на лекови. Интересот за генеричките производители на лекови константно расте, па има примери кадешто компании или фондови, чија дејност не е на никаков начин поврзана со фармацијата, значително инвестираат во секторот на генерички лекови, што оваа индустрија ја прави посебно интересна. Со неминовниот процес на глобализација, акцентот на интерес оди и на „Алкалоид“. Меѓутоа, во следниве три години сметам дека подобро би функционирале самостојно и независно.
Преку јакнењето на нашите позиции во регионот, подоброто позиционирање на пазарите на земјите членки на Европската Унија, ЗНД и САД, ние сме постојано отворени за градење на нови синергии, партнерства, специјализирање во одредени групи на производи, генерално јакнење и глобализација на брендот “Алкалоид“ надвор од границите на Македонија со цел зголемување на нашата вредност за бенефитот на сите засегнати страни.
Која е новата деловна област во
која „Алкалоид“ го гледа својот развој? Имате ли планови за развој на некои
нови сегменти, производи, и кои?
Преку нашиот Оддел за деловен развој, работиме на развој на производи со додадена вредност. Неодамна беа реализирани и продажбите на првите лиценци за овие производи на светски реномирани компании, како лиценцата за „Nycomed Takeda“ за скандинавските земји, „Sun Pharma“ за Романија, „Sandoz“ за Словенија, „Generic Partners“ за Јужна Африка, „Dr. Reddys“ за Велика Британија и др., на коишто потфати сме особено горди бидејќи покажавме и дополнителен квалитет за извоз на знаење. Во овој сегмент, очекуваме листата на клиенти рапидно да расте во претстојните години.
Колку формата на акционерство придонесува за развојот на компанијата? Како големиот број на акционери влијае врз добрите деловни резултати?
Aкциите на „Алкалоид“ на првиот официјален пазар на Македонската берза за хартии од вредност котираат од 2002 година и оттогаш се едни од најликвидните и најтргуваните акции на македонскиот пазар на капитал.
Имаме околу 5.100 поединечни акционери од кои околу осум отсто се странски инвеститори. Ваквиот хетероген модел на сопственост е секако потежок за управување, па поддршката се обезбедува единствено со испорачување на одлични резултати во работењето.
