СНЕЖНА ПОКРИВКА: Колку снег наврна утрово и каква е состојбата на патиштата?
Снегот вчера ја завеа речиси половина Македонија. Најинтензивни беа врнежите во западот и Пелагонија.
Долж Повардарието и на западните планински врвови дува умерен ветер од северен правец кој на моменти засилува.
Според измерените податоци утрово најмногу снег наврнало во Маврови Анови каде снежната покривка била 43 цм.
Следуваат Пожаране и Лазарополе со 34, Крушево 25, Берово 20 а во Тетово 18.
Во Ѓуриште се измерени 17 цм, Битола 13, Претор 12, Крива Паланка 10, Струмица 9 , Охрид 8 , Прилеп 6, Скопје (Петровец) 3, а најмалку или 1 цм наврна во Демир Капија.
Kaква е состојбата со патиштата?
Забрани за тешки товарни возила има на патните правци Тетово - Попова Шапка, крак Маврово - Дебар, Струга - граничен премин Ќафасан. Забрана за автобуси има на патниот правец Тетово – Попова Шапка, а за останатите возила задолжителна е употреба на зимска опрема.СОСТОЈБА: Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, наместа со остатоци од снег кој останува на коловозот после интервенцијата на дежурните екипи од Македонија Пат.
АМСМ препорачува дека поради обилни снежни врнежи без особена потреба да не се патува во западниот дел, задолжително носење на зимска опрема, исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и планирање на патувањето според временските услови. Според информации добиени од УХМР, до недела наутро насекаде ќе се формира снежна покривка, освен во крајниот југоисточен дел. На планините во западните делови се очекува повеќе од 50 см нов снег, а на повеќето пониски места снежната покривка ќе изнесува од 10 до 20 см.
Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Гостивар-крак Маврово, Демир Капија – Удово, Кочани - Делчево, Виница - Берово каде е можна почеста појава на одрони.
