Економија, финансии, бизнис

Контакт

СНЕЖАНА ТРПЕВСКА: Власта стравува од јавна дебата оти има недостаток на визија!

СНЕЖАНА ТРПЕВСКА: Власта стравува од јавна дебата оти има недостаток на визија!
На еден ден пред предлог -Законот за високо образование да се најде на второ читање на матичната Собраниска комисија, од Професорскиот пленум уште еднаш алармираат дека нема дилема дека власта со целата своја машинерија турка законските измени да се донесат по секоја цена, без сеопфатна дебата и без да се чуе мислењето на универзитетските професори и студентите. Очигледно е,  сметаат дел од професорите,  дека Законот  ќе биде донесен,  имајќи ја во предвид брзината со која истиот помина на прво читање и на Пленарната седница. И покрај тримесечниот израз на незадоволство на студентите и дел од академската заедница  тие не очекуваат  некоја битна  и суштинска промена,  бидејќи за власта нема дилеми- државен испит мора да има-  иако ова е само еден сегмент во целиот предлог Закон за високо образование. Дополнително,  според предложените законски одредби предвидено е академската заедница и Универзитетите да се соочат со сериозни санкции кои според нив се директно рушење  на Универзитетската автономија. Самиот начин на водење на целата постапка, од октомври па наваму, според  Д-р Снежана Трпевска -  член на Професорскиот пленум, покажува дека кај нас законите се прават зад затворени врати, во што е можно помал состав и со што помалку јавна дебата во која се изнесуваат сите аргументи за и против предложените решенија. За вакви сериозни законски решенија, вели, потребен е период од најмалку една година, а не два-три месеци, во кои задолжително ќе биде вклучена целата академска и студентска заедница. Оттука Професорскиот пленум бара да не се носат вакви закони и да се почне постапката одново. “Посакуваме и од петни жили се трудиме ДА НЕ СЕ ДОНЕСАТ ЗАКОНИТЕ, но никој од нас во Професорскиот пленум  нема дилема дека власта со целата своја машинерија турка да се донесат.  На неодамнешната средба Премиерот му одговори на Ректорот Стојковски дека имало време за дебата уште од октомври. Не може вакви закони да се прават и дебатираат за само три месеци, дури и да беа јавно објавени текстовите на законите. Но, не беа, оти сите знаеме дека на ЕНЕР беа ставени дури во декември. Друго важно, сега слушаме од Премиерот Груевски, дека се отворени за сите предлози и решенија, ќе ги ставеле на хартија и ќе ги доставеле на разгледување. Е па, како стигнале до второ читање ако ги немале сите корисни предлози и решенија. Па, самиот си кажува дека немало јавна дебата и не биле сочекани и разгледани предлозите на универзитетите и факултетите” -вели д-р Снежана Трпевска . Понудените закони- последица на отсуство на знаење и визија како се прави реформа во високото образование! Она што во конкретниот случај според д-р  Трпевска е уште поважно,  е содржината на законите, особено делот кој се однесува на воведувањето на државниот испит  и научниот придонес односно објавување на научни трудови во со закон утврдени,  реномирани меѓународни списанија. “ Во кампањата во која гледаме како „се извлекуваат“ навидум валидни аргументи за потребата од реформа на високото образование, на површина избиваат две прашања: т.н. Државен испит и Научниот напредок на професорите -фамозниот Импакт фактор. Ако некој знае што е Агендата за модернизација на високото образование на ЕУ, а такви требало да има во тимот што ги правел законите, ќе знае и дека „реформа за квалитет“ не се постигнува само преку оценување на студентите.  Постигнатото ниво на знаење кај студентите е резултат и последица на многу фактори: дали студиските програми се добро направени, дали со нив се поттикнуваат иновативни методи на учење, дали  има центри за стручна поддршка и напредок на академските наставници за правење добри курикулуми, дали има пари за примена на нови технологии во процесот на настава и учење и многу други фактори. Како може со Оценување да направите реформа за квалитет, а да не ги допрете системски другите прашања. Студентите ова добро го детектираа и видоа дека целата т.н. „реформа за квалитет“ ќе се спроведе апологетски, на нивниот грб. Јас сметам дека Понудените закони се последица на отсуство на знаење и визија како се прави реформа во високото образование.Тоа знаење и визија го имаат само академските наставници и затоа не можеше без нив да се тргне реформирањето на оваа сфера”-додава д-р Трпевска. Таа потенцирa,   дека научниот придонес на еден Универзитетски професор не може да се мери само со објавени   трудови во списанија со импакт фактор,  бидејќи тоа само ќе ги отвори и извади на површина другите аномалии со кои се соочува високообразовниот процес. “Јас сум доктор по Методологија на општествените истражувања и точно знам што се случува денес во социологијата и во другите општествени науки. Не се објавува академска статија во списанија кои најчесто се цитираат во светот, ако вие немате реализирано истражување кое во општествените науки чини многу скапо.  Немате придонес во теорија освен ако емпириски не сте истражиле некој нов истражувачки проблем. Па, како да објавуваат професорите истражувачки статии, ако државата издвојува се на се 0,30 отсто за наука и развој.  И второ, многу важно, зошто според законот научниот придонес да се мери само со импакт факторот? Во целата светска академска заедница денес не е важно дали само сте дале придонес во теоријата, туку дали академијата придонесува и за промена на општеството во кое дејствувате. А тоа се прави и со апликативни истражувања, или уште подобро со акциски истражувања, кои вредат многу и покрај тоа што не се објавени во списание со голем импакт.Впрочем, токму затоа, во Европската унија сега се работи на поинаква Методологија за рангирање на европските универзитети, која го зема предвид придонесот на Универзитетот во унапредувањето на својата заедница. Така е насочена и програмата Хоризонт 2020, која поттикнува многу повеќе апликативни (наместо теориски) истражувања кои директно му помагаат на развојот на општеството”- вели д-р Трпевска. Ова додава,  е уште еден показател, дека тимот што работел на Законите има слаби познавања за научно-истражувачката дејност. Страв од јавна дебата или недостаток на визија?! Досегашните искуства кои според професорите и студентите покажаа дека надлежните не сакаат аргументирано соочување на фактите  и средба на заедничка маса под лупа на јавноста, само е дополнителен показател дека власта нема интерес ниту воља да дебатира по ниту една забелешка или став кој не соодветствува со нивниот. Очигледно е  и според Трпевска,  дека кај власта постои страв од јавна дебата,  кој  го толкува првенствено како недостаток на визија, знаење и професоналност внатре во државната администрацијата и кој реално може да продуцира катастрофални решенија, без систем, без стратегиска визија за развој. “Прво, власта самата себеси треба да се праша што може да очекува ако не ги прави законите во транспарентна и демократска процедура. Да сум на нивно место, сериозно би се загрижила за сопствениот демократски капацитет. Истото беше направено со медиумските закони, премногу долго се „квачеа“ во кабинетите, се менуваа решенијата после експертските мислења, и очекувано доживеаа масовни реакции на новинарската, стручната и меѓународната заедница. Така е и сега. Не ми е јасно зошто толку страв од соочување и од јавна дебата?!” -вели докторката по социолошки науки. Децидни сме, нагласува,  дека законите мора да се повлечат,  оти не се прави реформа за квалитет за високото образование „на парче“ и без професорите и студентите. Не може, потенцира,  Владата да не ја интересира што мислат толку многу студенти и професори и да се обидува да симулира партиципативност, регрутирајќи Контра-професорски пленум и Контра-студентска организација само да ја негира спонтаноста на студентските протести и на  реакциите на професорите. “По тоа се разликуваме од групите инструирани „од горе“, кои од различни интереси и стравови немаат свој групен интегритет и вредности. За мене е добро што Премиерот не повика нас професорите од Пленумот на јавна дебата, но ТРАГИЧНО Е ШТО НЕ БЕШЕ ИСКРЕН ВО НАМЕРАТА ДА НЕ СОСЛУША, туку се обиде преку политички спин да покаже дека ние само правиме врева и не сме за дебата” -смета д-р Трпевска. Иако досега студентите реагираа само за Државниот испит, тие ја погодија суштината на проблемот во целиот високообразовен процес. Реформа за квалитет според неа, не се постигнува само преку “испити, испити, испити!”, дури и да не е државно тело тоа што ќе оценува. “Овде  имате тотална конфузија и мешање на концептот за „евалуација“ на наставата и учењето што треба да е екстерна со концептот за „оценување на знаењето“, што не може да се одвои од процесот на настава и учење. Дури и да има втор анонимен професор оценувач,  тоа не е е Државен испит, не е Екстерно оценување, туку е оценување очекуваните знаења и способности утврдени како дел на курикулумот” -додава Трпевска. Без стабилна финансиска подршка и средства за истражување нема реформи! За спроведување на реформи се потребни свежи пари во научно истражувачка работа и финансиска подршка за реализирање на проекти-сметаат од Професорскиот пленум. Професорите, велат,   се приклучија  кон барањата на студентите токму поради тоа што тие ја погодија суштината на според нив, бесмислената реформа за квалитет и затоа дополнително  ги прошируваат  мислењата и ставовите и  за  други прашања од кои е засегнат  целиот систем. “На пример, ние велиме: дајте ни стабилна финансиска подршка и дате ни средства за истражување и ние самите ќе ја спроведеме реформата во високото образование. Наместо факултетите од сопствениот буџет да ги плаќаат заостанатите сметки за греење (заедно со каматите од по неколку илјади евра), обезбедете им финансиска стабилност. Наместо, да не напаѓате дека сме мрзеливи, дека не сакаме да објавуваме, дека пиеме кафиња на работа и не знам што уште не. Немојте од примерите на поединци да генерализирате за целата академска заедница. Многу професори мачно го достигнале ова што се денес, знаат колку е напорна и одговорна работата на академски наставник, научник или истражувач”-нагласува д-р Снежана Трпевска. Контрапленумот или граѓанската иницијатива која ги подржува владините реформи за подобрување на квалитетот во високото образование, според неа, се обид на актуелната власт „за премостување“ на проблемот. Академскиот професор или научник, вели,  има лична одговорност да ја зборува  вистината, оти науката е постојан стремеж кон вистината. “Точно знам дека многу професори блиски на власта,  се свесни за глупоста на предложените решенија, но молчат оти не смеат јавно да го искажат незадоволството. Ќе испадне дека власта греши. Не ги разбирам, навистина, особено оние кои јавно си ги ставија имињата на решенија во кои не веруваат. Си го уриваат сопствениот професионален интегритет и тоа ќе им остане меморирано во биографиите”-порачува  Трпевска. Таа категорично тврди дека овие законски решенија не се на линија на Европската агенда за модернизација на високото образование што го поткрепува со следниве аргументи: Во Препораките на Високата група за високо образование од јули 2013 година, меѓу другото, се вели: (Препорака 8)  - Остварувањата на студентите во учењето треба да се оценуваат од аспект на јасно утврдени резултати од учењето, развиени во партнерство со сите академски наставници кои се вклучени во процесот на настава – а овде нагласува,  се предлага државен испит, надвор од наставата и учењето. (Препорака 9) – Високо-образованите институции и креаторите на националните политики, во партнерство со студентите, треба да воспостват советување, водење, менторство и системи на следење со цел да ги поддржат студентите во процесот на нивното образование и во нивниот пат кон дипломирање и после дипломирањето – а овде вели, и студентите и високо-образовните институции беа исклучени од креирањето на политиките. Впрочем, завршува,  што ќе ви е поголем доказ за усогласеноста на реформите со “европските текови“ , кога самите “реформатори“ изјавија во јавноста дека го напуштаат Болоњскиот процес?! С.Б.
Слично

Поврзани вести