СМС порака пред избори: 700 стечајци добија надомест
Околу 700 стечајци во Скопје со СМС порака биле известени дека треба да се јават во Агенцијата за вработување за да добијат паричен надомест од 7.100 денари, како што предвидува новиот закон.
Пораката ја добија два дена пред избори, а предизвика хаос, гужви и нервози на шалтерите на Агенцијата. Паричната помош ќе можат да ја користат до следно вработување или до пензионирање, предвидува законот.
„Решенијата се делат денеска, бидејќи кон крајот на наредната недела ќе влезат во исплата и поради тоа треба сите да ги добијат решенијата за да одлучат дали ќе се жалат. Можеби не им одговара висината на надоместокот кој ќе го добијат“, изјави Слободанка Алексовска, раководител на Центарот на вработување на Скопје.
Само во Скопје четири илјади граѓани поднеле барање за овој тип парична помош, но голем дел биле одбиени.
Слично е во сите градови, со оглед на тоа што решенија се делеа и во 30 други центри на Агенцијата за вработување низ земјава. Во Велес од поднесени 1000 барања, решенија добија 70 стечајни работници, во Охрид се поделени 289 решенија за материјално обештетување, додека во Куманово - само 70.
Стечајците се поделени во реакциите. За едни, иако сумата не е голема, сепак е ублажување на голготата низ која досега поминувале. За други, пак, овој потег ни оддалеку не ги решава нивните проблеми, туку е предизборна манипулација.
Законот предвидува за да добијат обесштетување стечајците да работеле најмалку 25 години во фирма која заминала во стечај, а била во мнозинска државна сопственост. Претходно да не загубиле работа по сопствена волја или вина.
Слично
