Економија, финансии, бизнис

Контакт

СМЕТКИ ЗА ПАРНО ГРЕЕЊЕ: Граѓаните контра БЕГ, кој е во право?

СМЕТКИ ЗА ПАРНО ГРЕЕЊЕ: Граѓаните контра БЕГ, кој е во право?
Девет месеци по ред, еднаш неделно, граѓаните исклучени од системот за парно греење протестираат пред зградата на Регулаторната комисија за енергетика. Бараат да се укине паушалот што го плаќаат за парно греење, бидејќи не ја користат услугата. Со вакво проблем се соочуваат околу 20.000 домаќинства во земјава.За неплатениот паушал веќе имаат тужби од компанијата “Балкан Енерџи Груп “( БЕГ) односно поранешна Топлификација. Голем дел од тужбите се пресудени во корист на компанијата, но мал дел се во корист на граѓаните. Во меѓувреме сметките се трупаат, долговите стигнуваат кај извршители неколку пати повисоки од првичната сума. Граѓаните се револтирани и сметаат дека овие сметки што им стигнуваат се противзаконски, бидејќи имаат право на избор дали ќе се греат на парно или на друг енергенс. -Со нашите мизерни плати или пензии не можеме да ги плаќаме услугите што ги добиваме, а камо ли да плаќаме за нешто што не користиме. Ова е лудило, ова го нема никаде. Веќе дадена на извршител, сумата за неплатените сметки е неколку пати поголема од првичната, огромни трошоци и камати што треба прво на извршителот да се платат, вели жител на општината Карпош. Граѓаните велат дека низ нивните станови не поминуваат вертикални цевки за парно за кои важи плаќањето на паушалот, туку хоризонтални цевки кои не зрачат топлина. Тврдат дека  новата компанија Балкан Енерџи груп, која ја презеде дистрибуцијата на топлина, продолжила да испраќа сметки за наплата, правени врз основа на погрешна квадратура. -Нашата борба е многу јасна, правото на личен избор со што сакаме да се грееме е наше. Зошто да плаќам за нешто што не го користам, нека дојдат и нека измерат дали тие цевки што тврдат дека зрачеле топлина, се воопшто топли, тоа не е точно. Мене веќе трета тужба ми стигна, вели жител на општината Аеродром. Протестите ќе продолжат и во следниот период. Граѓаните се одлучни, велат дека ќе протестираат се додека компанијата “Балкан Енерџи Груп”, испорачува  сметки за  услуга што не ја користат. -Ние секогаш се држиме до законот, за услуга што не ја користиме да плаќаме, а нас според закон не не тужат, туку не тужат според Регулаторната комисија за енергетика, што си даде за право да ни каже што да плаќаме. Ние ќе продолжиме да протестираме и понатаму. Но за жал никој од власта не дојде тука и да не праша кој е нашиот проблем. Ќе протестираме се додека Владата не најде доблест да излезе и да каже дека тие грешат а ние сме во право, вели  Санде Наумов од Здружението на граѓаните исклучени од системот за парно греење. Измени на законот за енергетика Здружението на граѓаните исклучени од системот за парно греење подготвија и иницијатива за измена на Законот за енергетика, во која бараат да се укине паушалот за плаќање услуга што не ја користат  и во Регулаторната комисија за енергетика да има еде член од потрошувачите на парно греење. Пред една недела протестираа и пред Владата. Побараа средба со премиерот Никола Груевски, од кога бараат да стави потпис на иницијативата за измена на Законот за енергетика, бидејќи како што велат, потписот од премиерот е важен за да започнат со собирање на 10 илјади потписи за законските измени. Но не беа примени од премиерот, туку од владин советник за енергетика, од кого добиле ветување дека ќе бидат контактирани. Во текот на оваа недела граѓаните повторно ќе поднесат барање до архивата во Владата, во кое повторно ќе бараат средба со премиерот Груевски. -Подготвивме граѓанска иницијатива за измена на Законот за енергетика, очекуваме премиерот Никола Груевски да ја потпише бидејќи целата таа процедура закочи кај него. Премиерот сеуште не ја потпишува иницијативата, а поминато е повеќе од еден месец, и го повикуваме да ја потпише и да не чека да се распушти Собранието туку тоа да се дискутира во овој собраниски состав. Пред една недела, по наше инсистирање не прими советникот за енергетика на Владата, на средбата не ни вети ништо, туку само ги спротиставивме своите мислења, единствено ни рекоа дека ќе не контактираат, но и тоа не се случи досега.Затоа сега во средба ќе поднесеме уште едно барање за средба со премиерот Груевски. Ние сметаме дека ќе има разршеница нашиот проблем и тоа во наша корист. Има пресуди кои дел се и во наша корист. Илјадници граѓани се веќе дадени на суд , од кои добар дел имаат пресуди дали во нивна корист или не , за жал има пресуди и од Апелација која пресудила во корист на криминалот и веќе доаѓаат до делот за извршители. Ако тука не го решиме проблемот правдата ќе ја бараме во Стразбур, вели Маријан Нинов, од Здружението на граѓаните исклучени од системот за парно греење. Дел од граѓаните велат дека се исклучиле од системот за парно греење поради високите сметки а дел поради лошата услуга. Неки од нив раскажуваат дека услугата што ја добивале од БЕГ не соодвествувала со цената, односно се слулувало и кога имало ниски температури наместо топли да имаат радијатори со послаба топлина. -Лошата услуга е една од причините поради која се исклуливме од системот на парно греење, не добивавем квалитетна услуга или при тоа скапа. Целиот проблем се случи поради алчноста на луѓето кои ја водат Топлификација, затоа луѓето почнаа масвно да се исклучуваат. Во 2009 година Топлификација покрене една хајка во која се кажуваше дека исклучените се виновни поради високите сметки, што не е точно. Во просек БЕГ тужи за три до четери неплатени сметки , ако таа тужба првично изнесува 3.000 до 4.000 денари ,подоцна станува околу 20.000 денари, вели Нинов. Уставниот суд не пресуди во корист на граѓаните Пред две години Уставниот суд донесе одлука и граѓаните со ладни радијатори да плаќаат за греење во тек на сезона.Судот тогаш ја отфрли иницијативата на ЛДП и тројца граѓани за оценување на уставноста на одлуката исклучените граѓани од парно греење за плаќање на фиксен износ. Иницијативата беше отфрлена со обрзложение дека и исклучениот потрошувач се грее од мрежата која испушта топлинска енергија, за што плаќа сразмерен надомест. Одлуката се објаснуваше со тоа што исклучените од парното, поради вертикалните топлински системи  во зградите добивале одредено греење, со што и тие се сметаа за  пасивни потрошувачи. Според правилата  и тие што се исклучиле од мрежата, плаќаат надомест за ангажирана моќност од околу 10 денари за квадрат. Токму ваквата одлука и законски правила предизвикаа револт кај граѓаните. Во обид да се спротистави на новиот начин на наплата и да ја врати ефтината тарифа за струјата, граѓанската иницијатива АМАН реагираше со  протести и петиција, зад која не застанаа пратениците од власта. Т.С  
Слично

Поврзани вести