Економија, финансии, бизнис

Контакт

Сметката од 4 милиони евра на ЈСП за панорамското тркало и натаму чека да биде испразнета

Сметката од 4 милиони евра на ЈСП за панорамското тркало и натаму чека да биде испразнета

На посебна сметка на ЈСП се уште стојат 4 милиони евра „за панорамско тркало“. Тоа е јасно од извештајот што го објави пред неколку дена Јавното сообраќајно претпријатие. Овој проект е стопиран со промената на власта, а овие пари се наменети за доизградба на пешачкиот мост кој требаше да биде наменски за посетителите на скапиот реквизит кој беше замислен како атракција. Во овој случај дејноста и потреба од мостот, кој се градеше со донирани средства од Агенцијата за електронски комуникации, без панорамското тркало остануваат бесмислени.

На 31 декември 2018 година на посебната сметка за панорамското тркало се пријавени 230,5 милиони денари парични средства. Речиси истата сума на истата сметка беше евидентирана и на 31 декември 2017 година со тогашни 254,8 милиони денари. Парите ЈСП нема да ги пренаменува за други работи или да ги врати, бидејќи добиле најава дека Град Скопје го продолжува мостот без реквизитот.

Речиси пред една година Советот на Град Скопје донесе одлука да се прекине изградбата на придружната содржина-панорамско тркало, во коритото на река Вардар, на кеј Димитар Влахов (потег помеѓу Музеј на Македонската борба и зграда на МЕПСО). Според одговорот кој го добивме од ЈСП, парите нема уште долго да се задржат на сметката, бидејќи се очекува градежната дозвола да биде наскоро одобрена, а името на сметката не треба да внесува забуна, бидејќи нема да се гради тркалото.

„Во меѓувреме се направи нова проектна документација, проектот е готов (Проект за усогласување на целокупната документација во сите фази на изградба на пешачкиот мост, односно да се изврши рационализација на натамошните градежни активности и соодветно на тоа рационализација на трошоците за градба), а прашање на ден е и обезбедување на градежната дозвола за доизградба на мостот.

Парите кои ги споменувате се всушност дел од донацијата од АЕК, која била дадена наменски за изградба на посочениот објект. Со оглед на тоа дека во изминатиов период градежните работи беа стопирани, немало ситуации за исплата. Не се пренамениле за други потреби, бидејќи се наменски. Ќе се употребат за доизградба на објектот“, вели Јавното сообраќајно претпријатие во својот одговор.

Во моментов околу мостот не се изведуваат никакви градежни работи. Столбовите кои требаше да го држат тркалото од двете страни на мостот се изведени, поставена е конструкцијата на преминот, но тој се уште не е довршен.

„Доколку се доградува мостот, тоа ќе биде без елементите кои биле предвидени во проектот за поставување на панорамското тркало. Овој пешачки мост би имал некаква функција единствено кога ќе проработи катната гаража која ја гради Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор кај Музејот на холакаустот“, рече пред повеќе од една година градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Досега се исплатени околу 10 милиони евра за проектот. Покрај ЈСП „Скопје“, пари за изградбата на панорамското тркало даваше како донација и Агенцијата за електронски комуникации. Во јуни 2017-та со одлука на Владата беше стопирано донирањето пари за овој проект.

А.К.


Слично

Поврзани вести