Смена на кормилото на „Европа“: Сава Димитрова си заминува?!
Дали се случува тектонска промена во таканареченото влашко бизнис лоби? Синот се заблагодарил на една од наjлојалните соработнички на неговиот татко? Доколку се покаже точна неофицијалната информација во овој наслов, дали тоа ќе значи пензионирање во секоја смисла и на Штерјо Наков односно дека Драган Наков ќе стане алфа и омега и ќе го има последниот збор во империјата?
Драган Наков, најголемиот акционер во „Фершпед“, син на Штерјо Наков и негов наследник во бизнисот и најавил на Сава Димитрова долгогодишната успешна директорка на кондиторската индустрија „Европа“ да не очекува реизбор. Дека треба да си поднесе оставка затоа што нема да добие поддршка за нов мандат, дознава „Фактор“ од добро информирани извори кои инсистираат да останат анонимни.
„Фактор“ во интерес на целосно и објективно информирање на јавноста побара одговори од Сава Димитрова, претседателка на управниот одбор на „Европа“ и од Драган Наков, најголем поединечен акционер во „Фершпед“ кој пак е најголем поединечен акционер во „Европа“. Доколку добиеме одговори од двете страни ќе ги објавиме во целост.
Засега не се познати причините заради кои нема да се даде поддршка на долгогодишната директорка на „Европа“ ниту пак се знае кој од акционерите би дал поддршка на Драган Наков односно на „Фершпед“ при гласањето за точките кои се на дневен ред за претстојното собрание на акционери на „Европа“.
„Фершпед“ во „Европа“ има 21,77 отсто од акциите со право на глас и е најголем поединечен акционер. Втор по големина акционер е „Макошпед“ и тој поседува 19,05 отсто од акциите. Важно за нашите читатели е тоа што неодамна во „Макошпед“ 10 отсто од акциите купи адвокатот кој во бизнис кругови се поврзува со „Фершпед“ заради застапништата и неговото име е Никола Лазаров. Акциите во „Макошпед“ ги купи за 208.000 евра од „Технометал Вардар“.
Трет по големина акционер е кичевската фирма „АС Сењак“ која има 18 отсто од управувачките права, а следува косовскиот претставник на „Европа“ Есамедин Хасани со 8,2 отсто и Мила Левентиќ, член на семејството на поранешниот застапник на „Европа“ за хрватскиот пазар Боро Левентиќ. Мила поседува 8,7 отсто од акциите. Компанијата има во сопствен откуп 10 отсто од капиталот и со тоа горенаведените акционери контролираат 85,6 отсто од сите акции со право на глас.
Во управниот одбор на „Европа“ покрај Димитрова се и Штерјо Наков, Александра Младеноска, Јасмина Цветаноска и Ивана Левентиќ. Во Надзорниот одбор седат Драган Наков, како претставник на најголемиот акционер, Коста Младеновски претставник на „Макошпед“, Есамедин Хасани, Селаудин Арихи од „Ас Сењак“ и Стерјо Зиков, поранешен јавен обвинител како претседател на надзорниот одбор.
„Европа“ лани од продажба инкасирала 708,5 милиони денари што е мал пад во однос на 2015 година. Добивката е 25,3 милиони денари што е на ниво од 2015 година.
Дали нешто се случува во семејството Накови?
Штерјо Наков ја однесе лавовска победа во борбата со српскиот контроверзен бизнисмен Јовица Стевановиќ познат како газда Нини кој во есента 2006 година направи силен обид за непријателско превземање на „Европа“. Во тоа време Димитрова побара и доби голема и силна поддршка од големите магови на таканареченото влашко лоби и тоа пред се во фирмите „Фершпед“ и „Макошпед“ кои безрезервно ја поддржаа Димитрова и купуваа акции по цени од и над 6.000 денари за акција (таа акција сега книговодствено вреди помалку од 3.000 денари) и ја одбранија „Европа“ од Нини. Седум години подоцна „Европа“ се реваншираше на „Фершпед“ и во една „зимска ситуација“ купи акции и го поддржа семејството Накови – стана и уште е акционер во „Фершпед“ и таму поседува 5,6 отсто од акциите.
Со оглед на долгогодишната успешна и длабока сорабока помеѓу Димитрова и Штерјо Наков и нивните блиски деловни релации зачудува неофицијалната информација дека Димитрова повеќе нема да биде прв човек на „Европа“. Дали тоа значи дека Драган го превзеде во целост носењето деловни одлуки и дека неговиот татко Штерјо кој одбележа три децении од македонската економија се повлекува?
Р.Ф.