СЛУЧАЈ „ПУЧ“: МВР приведе уште две лица
Од МВР соопштуваат дека продолжувајќи ја истрагата за детално расчистување и разоткривање на целата мрежа инволвирана во рамки на Оперативната обработка „Пуч“ идентификувани и приведени се уште две лица кои соработувале со веќе пријавените кои се товарат дека со употреба на незаконски средства на следење и шпиунирање, како и упатување на сериозни закани кон високи државни функционери сакале да извршат преврат и да изнудат разни услуги.
Според податоците на МВР се работи за две лица кои се од Скопје, на возраст од 52 години и 49 год. Едното од нив сеуште е вработено во Министерството за внатрешни работи додека другото лице работело во Министерството до 2013 кога му бил раскинат договорот.
МВР вели дека според досега документираните сознанија, двајцата биле ангажирани и работеле во корист на странска служба, преземајќи активности и чекори за кои биле богато финански наградени.
Од првично направените проверки, имотот на двајцата е несразмерно зголемен, односно анализите кои досега се направени покажуваат дека станува збор за стотици илјади евра во готовина, но и во акции кои завршиле кај нив.
Надлежните посочуваат дека организациони единици во МВР и понатаму продолжуваат со активностите по однос на издадените Наредби од страна на надлежниот обвинител со цел анализа на податоците и материјалните докази и превземање на други службени дејствија.
