СЛУЧАЈ “КАРФУР“: Се прават списоци – кому и колку должи “Карфур“ , правдата ќе се бара на суд!
Случајот “Карфур“ се сели на суд. Според информации на “Фактор“ во деловните релации меѓу трговскиот бренд и добавувачите, односно домашните компании не се користел инструментот “Задолжница“, како еден вид гаранција за наплата на побарувањата, па затоа сега долговите ќе се порамнуваат по судски пат. Во Комората на северозападна Македонија секојдневно стасуваат информации од фирми кои пријавуваат побарувања. Во меѓувреме, како преходница на затворањето на скопскиот маркет, компанијата “Карфур“ ставила клуч на врата и на маркетот во Тетово, кој беше дел од трговскиот центар „Рем Мол“. Управата за јавни приходи соопшти дека го следи и контролира даночното работење на сите субјекти (даночни обврзници) во рамките на своите надлежностите, вклучувајќи го и посочениот субјект, но не може да соопшти детаљи со образложение дека се работи за деловна тајна.
Големи и мали компании правдата ќе ја бараат на суд..
“Единствен начин преку кој ќе се обидеме да ги наплатиме побарувањата од “Карфур“ ќе биде судскиот пат“ - вака за “Фактор“ коментираат дел од бизнисмените кои се вклучени во постапката што се отвора против трговскиот бренд кој стави клуч на врата а зад себе остави милионски долгови кон голем број компании од земјава.
Вкупниот долг на “Карфур“ се проценува на 10 милиони евра, пари што им ги должи на македонски фирми – добавувачи. Најголем дел од фирмите се од прехранбениот сектор а најголем процент од побарувањата отпаѓаат на компании кои се членки на Стопанската Комора на северозападна Македонија. Од таму велат дека до нив секојдневно стсуваат информации, односно пријави од компании кои доставуваат листа на своите побарувања.
“Досега успевме да воспоставиме контакт со десеттина поголеми фирми кои пријавија значителни побарувања од “Карфур“. Најголем дел од компаниите се од прехранбената индустрија, како на пример снабдување на млеччни и месни производи. Секојдневно пристигнуваат пријави за нови долгови. Не само големи фирми, во оваа должничка афера заглавија и помали компании и за нив ова ќе биде сериозне финансиски удар“, вели Фатмир Бутиќи од Комората на северозападна Македонија.
Од таму велат дека до крајот на оваа недела очекуваат да добијат поконкретна и целосна слика за тоа кои нивни компании – членки се оштетени во скандалот со “Карфур“.
“Секако дека компаниите на кои им должи “Карфур“ нема да седат со скрстени раце. Сега се собираат податоци и целиот случај ќе заврши на суд. Очекуваме дека домашните фирми нема да се простат од побарувањата и ќе поведат суд спор за нивна наплата. Сеако, се очекува и поактивно вклучувања на Владата преку своите институции во што побрзо разрешување на состојбата“, велат од Комората на северозападна Македонија.
Под клуч и маркетот “Карфур“ во Тетово ...
Освен во Скопје, трговскиот бренд “Карфур“ го затворил и маркетот во Тетово. Имено, пред Нова година, односно кон крајот на декември бил ставен клуч на врата, а на почетокот од јануари целосно бил испразнет просторот, по што биле отпуштени и вработените. Маркетот на “Карфур“ во Тетово беше сместен во подрумските простории на трговскиот центар „Рем мол“ а работеше една година и пет месеци. “Карфур“ го отвори тетовскиот маркет во август 2014 година на површина од 1 200 метри квадратни, а во него беа вработени 42 лица.
Затворењето на трговската комапнија во Тетово практично беше претходница на затворањето на маркетот во Скопје, кое целосно се спроевде минатата недела. Дел од бизнисмните алармираа за милиониските долгови кои “Карфур“ ги остави зад себе и ја повикаа Владата, преку надлежните институции да се вклучи во случајот. Од Управата за јавни приходи, која е задолжена за даночното работење на компаниите велат дека и “Карфур“ е една од фирмите која се следи, како и останатите даночни обврзници, но не се соопштуваат детаљи поради тоа што се работело за даночна тајна.
“Ве информираме дека Управата за јавни приходи го следи и контролира даночното работење на сите субјекти (даночни обврзници) во рамките на своите надлежностите, вклучувајќи го и посочениот субјект. Истовремено, Ве информираме дека документите, информациите, податоците или други факти поврзани со даночната постапка кај одреден даночен обврзник имаат третман на даночна тајна согласно член 9 од Законот за даночна постапка и според тоа не можат да бидат предмет предмет на комуникација со јавноста и медиумите“, велат од УЈП.
Според информациите, работата на компанијата веќе ја скенира и Финансиската полиција.
Хипермаркетот „Карфур“, се простираше на површина од 4.650 квадратни метри и беше еден од најголемите во земјата. Почна со работа пред три ги пол години заедно со отворањето на трговскиот центар „Сити мол“. Неофицијално, двата најголеми синџири на супермаркети во земјава, „Веро“ и „Рамстор“, се во битка за просторот во Сити мол, каде што беше сместен „Карфур“.
