Словенија: За обесштетување на старите девизни штедачи ќе бидат потребни седум години
Старите девизни штедачи на Љубљанска банка сепак ќе мора да чекаат повеќе години за дојдат до своите заштеди, а реалниот рок да бидат целосно исплатени изнесува од шест до седум години, наведуваат словенечките медиуми.
Европскиот суд за човекови права во Стразбур вчера донесе пресуда дека Словенија е одговорна за враќање на заштедите на штедачите во некогашната Љубљанска банка и оти ова не може да се гледа како сукцесиско прашање на поранешната СФРЈ.
Словенија во таканаречениот сукцесиски фонд создаден како резерва за вакви побарувања има само 80 милиони евра, додека главницата на долговите на Љубљанска банка во Хрватска и Босна и Херцеговина изнесува три пати повеќе. Со камата тој износ би можел да достигне и 500 милиони евра, па пресудата ќе значи голем финансиски удар врз Словенија, пишува порталот Сеебиз.
Според пресудата од Стразбур, Словенија сега мора да подготви механизам за исплата на штедачите надвор од Словенија, на ист начин на кој во 90-тите години ги исплати словенечките девизни штедачи и тој план да го претстави пред Секретаријатот на Советот на Европа, кој ќе го надгледува извршувањето на пресудата. Оваа постапка ќе трае најмалку една година.
Потоа би требало да се усвои закон за исплата на старите девизни штедачи во словенечкиот Парламент. Ако притоа се применат истите правила како за исплата како во случајот на словенечките штедачи, тоа значи дека најпрвин ќе бидат исплаени оние со заштеди до 500 евра, а потоа на рати во следните пет години ќе се исплаќаат оние со поголеми побарувања.
Слично
