Словенија и Македонија заедно ќе продаваат технологија на пазарите во Африка
Македонските и словенечките бизнисмени од ИКТ секторот се договорија за заеднички настап на трети пазари, воедно потенцирајќи дека треба да ги искористат потенцијалите на ИКТ секторот за реформи на администрациите во услови на економска криза.
Министерот за за правосудство и администрација на Словенија Сенко Пличанич и македонскиот министер за информатичко општество и администрација Иво Ивановски сметаат дека постојат услови за влегување на пазарите во ЕУ, но и во Африка.
- Затоа денеска дискутиравме како Македонија и Словенија во ИКТ секторот со заеднички сили ќе можат да навлезат на пазарот на ЕУ, којшто е доста развиен, но е малку искористен од земјите кандидати и членки, како и на пазарите во Африка, а особено во арапскиот свет каде се повеќе се инвестира во решенија за електронско владеење особено откако се случи Арапската пролет, изјави Ивановски.
Словенечкиот министер, пак смета дека ИКТ технологијата е значајна за равој на модерна и порационална државна управа.
- Тоа е многу значајно за Словенија во услови на економска криза и потребата за рационализација на трошоците и финансиите. ИКТ е таа што може да направи големи работи во рационализацијата на трошоците, рече Пличанич. Од МАСИТ се надеваат дека наскоро ќе има конкретни резултати од денешните разговори. - Ова е од посебно значење за компаниите што работат во Македонија бидејќи Словенија е земја што е доволно блиска со нас од бизнис, културолошки и од географски аспект. Таа е членка на ЕУ и компаниите ќе можат да пренесат искуства што би ги искористиле за пласман на производи. Се надевам на конкретни резултати за скоро време, рече Бимбиловски.
Слично
