Словенија ги заострува мерките за влез во земјата: Повеќе нема слободен транзит, се враќаат маските
Словенија објави дека од 23 август патниците во транзит мора да приложат доказ за вакцинација, дека ја прележале болеста или негативен тест за да влезат во земјата.
„Од 23 август, транзитот низ Словенија повеќе нема да биде возможен без исполнување на условите“, се вели во соопштението на владата по синоќешната седница.
Дотогаш, исклучокот се уште важи за патниците во транзит, според кој тие не мора да го докажуваат својот статус на ковид на граница ако ја напуштат Словенија што е можно поскоро, и не подолго од 12 часа.
Новата владина одлука повторно пропишува задолжително носење заштитни маски за посетителите на јавни и културни настани во затворени простории, додека носењето маски станува задолжително за собири на отворено ако се присутни повеќе од 100 луѓе.
