Словачка ќе и помага на Македонија за справување со бегалците
Словачка ќе испрати 25 полицајци, кои ќе и помагаат на нашата земја за заштита на границите поради континуираниот миграциски бран, соопшти словачкиот премиер Роберт Фицо.
Голем дел од мигрантите кои дојдоа на територијата на Европа од Блискиот Исток, Африка и Азија го почнуваат своето патување кон Европа преку Грција, оттаму продолжуваат во земјите од Балканот, додека достигнат до западните и северните делови на континентот.
Словачката влада, која се очекува следната недела да го одобри испраќањето на вработените во Македонија, по секоја веројатност ќе назначи и мисија од 20 лица во Словенија, додаде премиерот. Се очекува словачкиот персонал да дојдае на македонска територија во февруари. До сега Братислава испратила 50 лица полициски сили во Унгарија.
"Ние сме подготвени да им помогнеме на другите држави на билатерално ниво или како дел од меѓународна соработка", рече уште Фицо.
"Загрижени сме што ќе се случи во првите пролетни месеци, ако пресметките на ОН се вистинити, дека приливот на мигранти ќе биде поголем од оној кој го видовме досега", додаде тој.
До сега земјите членки на ЕУ не успеаја да најдат заеднички став за справување со миграционата криза. Унгарија, Словачка и Чешка се спротивставија на планот за квоти за распределба на бегалци, според кои 120 000 луѓе мораше да бидат пропорционално сместени во земјите од Унијата.
