Следниот месец банкноти од 200 и 2000 денари се пуштаат во оптек
Советот на Народна банка вчера ги разгледа и ја усвои и одлуката за пуштање во оптек на книжни пари во апоени од 200 и 2.000 денари.
Нивното пуштање во оптек е предвидено за 15 декември 2016 година. Временскиот период од пристигнувањето на книжните пари до нивното пуштање во оптек ќе се искористи за едукација и запознавање со основните карактеристики и заштитни елементи на книжните пари на вработените во банките и другите финансиски институции. Исто така тоа е време во кое можат да се спроведат и активности за приспособување на софтверските модели на машините за обработка на книжните пари, банкоматите и останатите автоматизирани машини за самопослужување коишто работат со готовина, што ќе овозможи непречена циркулација на новите апоени.
Оваа одлука е донесена врз основа на истражувања и анализи на сите постоечки фактори. Утврдено е дека постојат реални потреби за воведување на двата нови апоена. Воведувањето ќе овозможи зголемување на понудата на апоените коишто се на располагање при вршење готовински трансакции, а како секундарен ефект се очекува урамнотежување на побарувачката за одредени деноминации.
Искуствата покажуваат и дека, во одредени случаи, потребно е да се елиминира некоја од деноминациите со цел структурата на деноминации да стане покомпактна. За да се донесе таква одлука, потребно е да се следат два показатела, и тоа: побарувачката за таа деноминација и временскиот период во кој таа деноминација е активна во оптек.
