Економија, финансии, бизнис

Контакт

Следната недела нови банкноти од 200 и 2000 денари

Следната недела нови банкноти од 200 и 2000 денари

Народната банка на Република Македонија од 15 декември годинава ќе ги пушти во оптек книжните пари во апоени од 200 и 2.000 денари. 

НБРМ истовремено ќе ги повлече од оптек банкнотите од 5.000 денари. Оттаму  информираат дека одлуката за издавање банкноти во апоени од 200 и 2.000 денари е донесена од реално согледаната потреба за ребалансирање на постоечката апоенска структура на книжните пари во оптек.

„Постоечката апоенска структура на книжните пари што се во оптек од 8 септември 1996 година до денес нема претрпено промени и воведувањето на овие два нови апоена претставува прва промена којашто се спроведува по период од 20 години. Ваквата одлука е донесена врз основа на истражувања и анализи на сите постоечки фактори, при што се утврди дека постојат реални потреби за воведување на двата нови апоена. Воведувањето ќе овозможи зголемување на понудата на апоените што се на располагање при вршење готовински трансакции, а како секундарен ефект се очекува урамнотежување на побарувачката за одредени деноминации“ - велат од НБРМ.

Книжните пари со апоенска вредност од 5.000 денари не се прифатени од пошироката јавност заради нивната висока номинална вредност, ограничена е застапеноста при вршењето на готовинските трансакции и размена, првенствено во трговијата, додаваат од НБРМ. Додаваат дека нивната примена во секојдневните трансакции е незначителна. 

Деловните банки во Република Македонија ќе ги заменуваат книжните пари со апонска вредност од 5000 денари од 15 декември 2016 година до 28 февруари 2017 година, а од 1 март 2017 година нивната замена ќе се врши од страна на Народната банка на Република Македонија.


Слично

Поврзани вести