Следната година за 1.500 денари до Брисел, Франкфурт и Париз со „Визер“
Од април следната година директни летови од Скопје до Брисел, Франкфурт и Париз со субвенции од владата најави нискобуџетната авиокомпанија „Визер“. Кон новите дестинации ќе сообраќа два пати неделно, а цената ќе изнесува околу 1.500 денари. За овие потреби во сообраќај ќе биде пуштен нов патнички авион„Ербас А320″.
На прес-конференција на скопскиот аеродром “Визер” денес го најави пристигнувањето на вториот воздухоплов за нивната база во Скопје. Новиот воздухоплов „Ербас А320″ ќе пристигне во Скопје на 16 април 2014 година со што вкупната инвестиција на „Визер” во базата во Македонија ќе достигне 160 милиони долари. Новиот воздухоплов ќе сообраќа на вкупно 13 линии од Скопје и ќе го зголеми капацитетот на слободни места за 2014 година на повеќе од 685.000 илјади седишта.
“Македонските потрошувачи се исто толку ентузијастички настроени кон нашите ниски цени како и милионите патници на „Визер“ ширум Европа и пошироко. Остануваме посветени на македонскиот пазар и развојот на инфраструктурата на нискобуџетни летови, а како резултат на високата побарувачка на „Визер“ нискобуџетните услуги со задоволство би сакал да го најавам новиот воздухоплов на нашата база во Скопје“, изјави Џон Стивенсон, извршен потпретседател на “Визер”.
Исто така Џон Стивенсон кажа дека ќе се стимулира пораст на работните места, а исто така корист ќе имаат и потрошувачите бидејќи со нетрпение очекуваат да донесат уште повеќе нискобуџетни линии во Македонија.
