Следната „бомба“ на СДСМ ќе се пласира пред Влада
После завршувањето на лидерската средба во која лидерите на најголемите политички партии во земјава преговараа за решавање на политичката криза, опозицискиот лидер одговарајќи на новинарско прашање истакна дека објавувањето на „бомбите“ продолжува.
„Им дадовме шанса на протестните активности, да го насочиме вниманието тука затоа не објавувавме бомби додека траеа протестите, а мораториум немало. Испраќаме многу сериозни пораки за нас како опозиција, и до домашната и до меѓународната јавност, но најавивме, утре или задутре, претпоставувам утре, ќе продолжиме со објавување“, изјави Заев.
Тој исто така рече дека следните бомби ќе се пласираат од пред Влада.
До сега се објавени 33 бомби од вкупно 102, неодамна посочи лидерот на СДСМ Заев, а било планирано во првата фаза да бидат објавени 35.
Бомбите За А1 телевизија и Смиљковско пред митингот на опозицијата не беа обелодените поради кумановските настани, со оглед на нивната сензитивност.
Ветивме дека ќе ја соопштиме целата вистина и не бегаме од тоа, изјави Заев пред некој ден за Дојче Веле.
„Не е во прашање само ‘Смилковско езеро’. Има и други содржини што и ги ветивме на јавноста, а до денес не се објавени, како што е и случајот ‘А1 телевизија’, ‘Скопје 2014′ и многу други. Изминативе денови имаме многу активности – протест, лидерска средба во Скопје, средба во Стразбур… Објавувањето на ‘бомбите’ привремено беше запрено затоа што сакавме да му дадеме примат на протестот. Но, ништо нема да остане необјавено. Кон крајот на неделава ќе донесеме одлука кога ќе продолжиме со објавувањето и на другите содржини од ‘Вистината за Македонија’. Затоа, молам за трпение и за разбирање“, изјави неодамна Заев.
