Економија, финансии, бизнис

Контакт

СЛАВЕСКИ БАРА ЧОВЕК ЗА ПРОТОКОЛ – ќе има ли кандидати кои ќе работат „рамо до рамо“ со гувернерот

СЛАВЕСКИ БАРА ЧОВЕК ЗА ПРОТОКОЛ – ќе има ли кандидати кои ќе работат „рамо до рамо“ со гувернерот

Се бараат кандидати кои би сакале да работат рамо до рамо со гувернерот Трајко Славески, поточно во Народната банка на Република Македонија. Согласно нивниот последен оглас, и објавата на платите, кои со сигурност ќе го привлечат вниманието на многумина, се бараат кандидати за две позиции.

Имено, Народната банка објави оглас за вработување на две лица на неопределено време, за позиции во Кабинетот на гувернерот и во Дирекцијата за теренска супервизија. Се бара еден извршител за работното место „самостоен соработник за протокол I степен“ и еден извршител за работното место „самостоен супервизор“.

Кандидатите треба да бидат државјани на Република Северна Македонија, полнолетни, со општа здравствена способност и без изречена забрана за вршење професија, дејност или должност. За позицијата во Кабинетот на гувернерот се бара завршен факултет од областа на општествените науки со најмалку 240 ЕКТС кредити, најмалку три години работно искуство по завршување на високото образование, познавање на англиски јазик, работа со компјутер и основни познавања од функционирањето на Народната банка. Кандидатите ќе бидат тестирани за стручни знаења поврзани со организација на настани, конференции и протоколарни средби, како и за познавање на англискиот јазик.

За работното место „самостоен супервизор“ се бара завршен факултет од областа на економските науки со најмалку 240 ЕКТС кредити, најмалку три години работен стаж, познавање на англиски јазик и работа со компјутер, како и солидно познавање на законската и подзаконската регулатива за банкарскиот систем и супервизијата на банките и штедилниците. Кандидатите ќе бидат тестирани за познавања од областа на банкарската супервизија, банкарскиот систем и релевантната регулатива.

Заинтересираните кандидати треба да достават пријава, изјава за согласност за обработка на лични податоци, кратка биографија, препораки доколку ги имаат, доказ за државјанство, потврда дека не им е изречена забрана за вршење професија или дејност, диплома за завршено образование, доказ за работен стаж од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, како и документи за познавање на англиски јазик и работа со компјутер.

Работното време е флексибилно, со почеток помеѓу 8 и 9 часот и завршување помеѓу 16 и 17 часот. Со избраните кандидати ќе се склучи договор за вработување на неопределено време, со пробна работа во траење од еден месец.

Основната нето-плата за позицијата „самостоен соработник за протокол I степен“ изнесува 76.832 денари, а за време на пробната работа се исплатува половина од износот.

За позицијата „самостоен супервизор“ основната нето-плата изнесува 74.577 денари, со 50 проценти од платата за време на пробниот период.

П.О.

Слично

Поврзани вести