Само скромни казни за маркетите за потрошувачките „кошнички“ на власта
Маркетите добиле казни од најмногу 170.000 евра за непочитување на мерките од потрошувачките „кошнички“ на Владата што ги воведе во текот на есента и зимата минатата година.
Есенската и новогодишната потрошувачка кошничка беа контролирани со Законот за трговија и Законот за заштита на потрошувачите, а по овие законски основи биле издадени налози за казна од 7,32, односно 3 милиони денари.
Ова е евидентирано во извештајот за работењето на Државниот пазарен инспекторат во второто полугодие од 2024. Овој период ги опфаќа есенската потрошувачка кошница која беше воведена во октомври и предвидуваше замрзнување на маржата за 10 отсто за 70 производи, како и новогодишната потрошувачка кошничка која започна од 15 декември за намалување на цените на 700 производи. Опозицијата, но и Сојузот на синдикати на Македонија, тогаш реагираа дека овие мерки само ги стимулирале маркетите да ги зголемат цените предвремено.
Според ДПИ,биле издадени 266 казнени налози по Законот за трговија, а 48 по Законот за заштита на потрошувачите. Вкупната казна од 170.000 евра е далеку повисока во однос на првите шест месеци од 2024, кога биле напишани казни од само 65.000 евра по законските основи под кои работеа маркетите опфатени со антикризните мерки. Инспекторатот сепак за овој период нема издвоено посебни бројки по одлуките на Владата за намалување на цените.
ДПИ добил 85 пријави за Законот за трговија, а 580 за Законот за заштита на потрошувачите. Во второто полугодие лани три економски оператори добиле забрана за вршење дејност.
„Од страна на Државните пазарни инспектори во континуитет се вршеа инспекциски
надзори во делот на контрола во трговијата на мало и трговијата на големо
од страна на производителите, увозниците и трговците на оделни
стоки. Исто така, при спроведување на инспекциските надзори и во случаи кога
не е утврдена неправилност во однос на пресметувањето на маржата се
информираат субјектите на инспекцискиот надзор за новите ограничувања на маржата на наведените производи со цел на избегнување на неправилностите во
иднина.
Во периодот (ноември –декември), мониторинг се вршеше и на цените во согласност со Законот за заштита на потрошувачите и Законот за трговија, односно се гледаа моменталните цени на производите кои ги содржеше листата од „Новогодишната кошница“ заедно со најниските цени на истоимените производи кои биле применувани во последните 30 дена. Целта на мониторингот беше да се утврди дали по почетокот на акцијата „Новогодишна кошница“, трговците ќе се придржуваат до дадената иницијатива од нивна страна за акциско намалување на цените од 10 отсто или повеќе на прехранбени производи кои најмногу се продаваат во текот на новогодишните празници“, коментира пазарниот инспекторат.
Пред една недела министерот за економија Бесар Дурмиши во Собранието рече дека уште во октомври биле преземени мерки за намалување на износот на потрошувачката кошничка и дека новогодишната кошничка исто така била поддржана од трговците и дистрибутерите и, како што нагласи, тоа ги дало ефектите.
– За работата на инспекторатот сакам да кажам дека по 15 години за прв пат се контролираат цените на увозниците и трговците. А во месеците октомври и ноември се бележи пад, заради мерките на Владата, рече Дурмиши.
Пред една година беше донесен Законот за нефер трговски практики со кој треба да се регулира ланецот на продажба на околу 2.500 земјоделски и прехранбени производи и со тоа евентуално да поевтинат. Практичното спроведување уште не е започнато, а од власта последно што велат е дека Комисијата за заштита на конкуренцијата треба да се доекипира со уште осуммина вработени за да може да ги прави контролите.
А.К.