Економија, финансии, бизнис

Контакт

СКОРО 900 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА РОУД ШОУ: Многу потрошено, малку добиено?

СКОРО 900 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА РОУД ШОУ: Многу потрошено, малку добиено?
Нови, речиси 900 илјади евра ќе се потрошат на роуд шоуа. Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија распиша оглас за организирање на настани, бизнис форуми и road show во  Азија, Европа и Германија во 2016-та: Како и обично ќе се промовира Македонија како атрактивна бизнис дестинација. Сепак, и покрај големата реклама и низата поволности што Владата им ги нуди на странските инвестиции, Македонија во регионот заостанува по учеството на СДИ во бруто домашниот производ.  Не помогнаа премногу ниту роуд шоуата што постојано се организираат, за кои се трошат големи пари. Анализата на Асоцијацијата за економски истражувања “Finance think”, покажува дека странските директни инвестиции достигнуваат и до 10% од БДП во некои земји од регионот. Хрватска лани според податоците од хрватската Народна банка, имала прилив од странските инвестиции во висина од 2,87 милјарди евра. -Ова учество е најголемо кај Албанија и Косово, а во Македонија изнесува околу 4% од БДП. Анализирано во апсолутен износ, најголеми приливи од СДИ имаат Србија, Бугарија и Албанија, додека Македонија, Косово и Босна и Херцеговина најмалку, се посочува во анализата на “Finance think”. Последните податоци од Народната банка за основни економски показатели, покажуваат дека во првиот квартал од годинава учеството на странските директни инвестиции во БДП било 3,1 отсто, а во вториот квартал 2 отсто. Дел од економистите сметаат дека многу фактори играат главна улога во одлуките на странските инвеститоир: големо влијание имаа законските решенија, стабилноста, политичката состојба во земјата. Во последниот извештај на Меѓународниот монетарен фонд насловен како “Посебна област“, во делот посветен на анализа на политиките за привлекување на странски директни инвестиции (СДИ), монетарците посочуваат дека во однос на привлекувањето на инвестиции Македонија е пред Албанија и Босна, но зад Србија. Како недостаток го лоцираат нискиот потенцијал во делот на природните ресурси и атрактивноста на пазарот. Што добивме Владината политика за привлекување странски инвестиции почна во 2007 година. Што добивме од странските инвеститори, колку не чинат инвеститорите од странство? Според расположливите податоци ,за изградба на слободните економски зони за пет години вклучувајќи и ја и оваа 2015-та, Владата потрошила 40 милиони евра. Институционална тајна останува колкава е сумата во вид на субвенции што ја добиваат странските инвеститори. Клучниот аргумент на Владата за политиките за привлекување инвестиции е дека влијаат врз зголемување на извозот, намалување на невработеноста, и врз учеството во бруто-домашниот производ. На странските инвеститори им се нудат серија на даночни и царински ослободувања, субвенции за вработени, парична поддршка за изградба на фабрики, а од друга страна домашните бизнисмени се чувствуваат дискриминирани во однос на странските инвеститори. И монетарците во извештајот нотираа дека мерките кои ги нудат македонските власти за странските инвеститори, истите не ги нудат и за домашните инвеститори, при тоа укажувајќи дека високата стапка на сива економија и  тешкиот пристап до финансиите, се главните пречки со кои се соочуваат домашните фирми од приватниот сектор при водењето на бизнисот,   во споредба со регионот. Во врска со ефектите од СДИ, дел од бизнисмените  велат дека и покрај сите олеснувања што ги добиваат странските инвеститори, ефектот од СДИ не е како што се очекувал. -Од сите  ослободувања, субвенции или поволности за странските инвеститиори ние како земја добиваме само големи трошоци за нивното доаѓање, додека пак за возврат добиваме вработувања со ниски плата. Ако гледаме низ бројки, тоа изгледа добро бидјеќи имаме покривање на увозот со извоз од 70 % во првото полугодије, но од тој износ  странските компании кои ја менуваат  и струтурата и волумот на извозот во нашата земја, ги оставаат само платите, и тоа ниските плати на вработeните и воедно ја оптоваруваат буџетската каса бидејќи за тие вработени државата плаќа даноци и придонеси и слично. Стопанската комора на Северо-Западна Македонија има став дека овие политики не се ефективни за економскиот развој на земјата и секако дека не ги дадоа очекуваните резултати. Од тоа што се промовираше ние многу малку добивме, додека пак потрошивме огромни државни  пари за роуд шоуа или за рекламирање во странските магазини како  Forbs и слично, изјави неодамна за Фактор,  претседателот на  Стопанската комора на Северо-Западна Македонија, Неби Хоџа.
Слично

Поврзани вести