Скопски златар ги „влечел“ артефактите од Музејот на Македонија
Златар од Скопје ги организирал вработените во Музејот на Македонија да му ги носат вредните артефакти од музејското депо за да ги копира, тврди МВР. Полициската истрага покажала дека вработените на реверс земале артефакти со непроценлива вредност од Музејот и му ги носеле на златарот.
На овој начин од музејот исчезнале вкупно 166 вредни предмети. Најголемиот дел од изнесените артефакти никогаш не биле вратени.
Освен златарот од Скопје, полицијата денеска уапси уште седум лица вработени во Музејот, за кои се сомнева дека биле вмешани во случајот. Меѓу осомничените е и поранешниот директор на Управата за заштита на културно наследство Паско Кузман, кој веќе се наоѓа во куќен притвор за случајот „Фаланга“.
Полицијата открила дека и Кузман се потпишувал на реверси како директор на Музејот, иако во тоа време бил директор во Управата. Меѓу уапсените е и актуелниот вд директор на Музејот на Македонија. Од МВР велат дека се истражува каде завршувале артефактите, а не е исклучена и можноста бројката на уапсени да се зголеми.
Уште во тек се претресите во домовите на осомничените, а кај дел од нив биле пронајдени артефакти за кои се уште не е утврдено дали се оргинал или копија.
„Во нивните домови се најдени многу артефакти, но сите се однесени на вештачење за да се утврди нивната веродостојност. Исто така, се најдени и предмети кои не биле евидентирани. Исто така, дел од оваа група, откупувала артефакти во име на Музејот на Македонија, оштетувајќи ја државата за 40.000 евра“, вели полицискиот портпарол Иво Котевски.
Јавното обвинителство најави дека ќе бара притвор за сите осомничени во случајот.
Слично
