Економија, финансии, бизнис

Контакт

Скопски „Адинг“ во голем пад: Колава загуба прокнижи ?

Скопски „Адинг“ во голем пад: Колава загуба прокнижи ?

„Адинг“ е уште еден доказ дека паѓа македонската градежна индустрија оти слични состојби видовме кај „Гранит“ и кај „Усје“. Домашната продажба на „Адинг“ паднала за 23 отсто и тоа сигурно дека ќе го зголеми стресот кај менаџерите и кај акционерите. Заради големиот пад на приходи од продажба и поради големи финансиски расходи „Адинг“ е во загуба од 4,7 милиони денари во првите 90 дена

Скопски „Адинг“ направи загуба од 4,7 милиони денари во првиот квартал годинава и тоа во голема мерка е резултат на падот на приходите од продажба на домашниот пазар,покажуваат официјалните податоци што компанијата ги објави на веб страницата на Македонската берза.

И „Адинг“, како субјект од македонската градежна индустрија, влегува во групата на компании кои книжат значајни или големи падови на приходите од домашен пазар за кои досега пишувавме, а тоа се гигантот „Гранит“ и мега-производителот (за македонски услови) на цемент и градежни материјали скопската цементарница „Усје“. Податоците за речиси невидливиот раст на бруто-домашниот производ, сега веќе и јасно се гледа, дека во значајна мерка се резултат односно рефлексија на намалените активности во домашниот градежен сектор.

„Адинг“ во првиот квартал годинава продал стоки и услуги во вредност од 48,3 милиони денари и тоа е за 18 отсто помалку од истиот период лани. Најголемиот пад на продажба „Адинг“ го регистрира на домашниот пазар и тој изнесува 23 отсто во споредба со истиот период лани. Во бројки продажбата дома паднала за 9,7 милиони денари и изнесува 32,2 милиони денари. Компанијата бележи продажба и на странските пазари, но таа е многу мала и изнесува 5 отсто, а реализацијата била 16 милиони денари. Во овој период залихата на компанијата од почетокот на годината до крајот на март пораснала за 4,4 милиони денари што е зголемување за над 60 отсто на залихата што ја имале на почетокот на годината. Создвањето залихи најчесто произлегува од две причини, а првата е намалена побарувачка за производи и услуги, додека другата е трупање залихи заради очекување на повисока цена. Во случајот на „Адинг“ поверојатно дека се работи за намалена побарувачка на што укажуваат и намалените приходи од продажба.

Оперативните трошоци на компанијата се повисоки за над 9 милиони денари од приходите од продажба. Во однос пак на 2017 година тие се пониски за 8 отсто и изнесуваат 57 милиони денари. Оперативната загуба на компанијата изнесува 3,3 милиони денари. Таа се зголемува заради дисбалансот меѓу финансиските приходи и финансиските расходи на „Адинг“. Финанските расходи се 1,4 милиони денари за првите три месеци и бележат намалување од 27 отсто во споредба со лани што е солидно намалување. Сепак, просечно дневно излегува дека „Адинг“ за камати на кредити плаќа 250 евра за камати, што и не е мал товар. Финансискиот трошок зема речиси 3 отсто од приходите од продажба. Ако се проектира со иста динамика во другите три квартали годинава тие ќе дојдат до износ од речиси 9 отсто од целиот приходи што е податок што секако нема да ги радува акционерите на компанијата.

„Адинг“ е компанија за производство и пласман на хемиски материјали за градежништвото, основана во1969 година. Седиштето и најголемиот производствен погон се наоѓаат во Скопје, а со свои претставништва и дистрибутери е присутна на повеќе од 13 пазари од регионот на Југоисточна Европа, Блискиот Исток и Азија. Компанијата е присутна со свои производствени погони и во Бугарија и Иран, додека свои фирми претставништва има во Србија, Казахстан и Грција. Производствената програма ја сочинуваат повеќе од 100 производи кои нудат решенија за најспецифични проблеми со кои се соочува модерното градежништво. Целата групација на „Адинг“ денес има повеќе од 150 вработени од кои околу 90 вработени се во матичната компанија, а останатите во компаниите членки на групацијата во Македонија и светот. „Адинг“ е инженерска компанија во која над 40 отсто од целата структура вработени се градежни инженери, архитекти, хемиски инженери, технолози и други високостручни профили.

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести