Скопска градежна фирма ја оштетила државата за 43 милиони денари
Финансиската полиција го уапси сопственикот и управител на градежната фирма Фарком Инженеринг од Скопје, под сомнение дека во континует вршел финансиски криминал. Уапсениот е осомничен дека во период од 2010 до 2015 година ја оштетил државата за повеќе од 43 милиони денари или 700 000 евра.
Сопственикот на фирмата, не водел уредна сметководствена евиденција, не пресметувал и не плаќал ДДВ по основ на издадени и наплатени фактури за извршена продажба на стоки и услуги на реномирани градежни фирми исто така од Скопје.
Пријавениот за периодот 2010-2012 година не изготвил и не доставил ДДВ пријави до Управата за јавни приходи, а за 2013 изготвил и доставил ДДВ пријави со невистинити податоци. Исто така тој прикажувал лажни податоци за влезниот промет и прикривал данок.
Покрај ова, сопственикот со намера да се стекне со противправна имотна корист од сметката на фирмата, без никаков основ подигнал во готово 1.350.000 евра без да плати персонален данок на доход.
