Економија, финансии, бизнис

Контакт

Скопје се гради, препукувањата продолжуваат – Жерновски му пиша на Груевски

Скопје се гради, препукувањата продолжуваат – Жерновски му пиша на Груевски
Со отворено писмо, градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски му се обрати на премиерот Никола Груевски поради, како што стои во писмото, петтиот ден молк за криминалот во проектот чиј идеен творец е токму тој. „Господине Груевски, не се кријте зад крајно неинвентивните реакции на ВМРО-ДПМНЕ. Излезете јавно и кажете дали, по аргументираните докази од ревизијата , има или не криминал во проектот „Скопје 2014 и дали Вие знаевте за тоа? Дали и за Вас, како за партијата чиј лидер сте, милионите евра злоупотребени пари, и тоа само за штетните договори за лиење и мермер за 11 споменици, се „само“ 8 милиони и се мала и багателна сума?“, стои во писмото. Жерновски ја прашува и министерката за култура дали не знаела или како што вели, намерно ја заобиколила вистината за „Скопје 2014. „Со молчење се брани и скулпторка Валентина Стевановска, која никако да одговори дали потписот што стои во договорот за изработка на „Воинот“ е нејзин или не? Ако тврди дека е најчиста и дека не земала толкави хонорари, а за „Воинот“ и „Воинот на коњ“ на име на авторски договор има добиено повеќе од два милиони евра, нeка излезе и каже кој во нејзино име ги земал тие пари?“, се додава во писмото од каде се укажува дека јавноста со право и огромно нетрпение, ги очекува одговорите. Реакции стигнаа и од ВМРО ДПМНЕ и од Министерството за култура. „Андреј Жерновски смисли нов начин да привлече внимание. И овој пат тоа не е со работа и проекти, туку со обвинувања и клевети. Во обид да се извлече себе си од кашата која сам си ја создаде и подигнатите очекувања кај СДСМ дека кој знае што ли има во проектот “Скопје 2014” и откако виде и покрај сите можни ревизии дека нема ништо незаконско и спорно сега за да дефокусира сега започна јавно прашања да поставува“, реагираат од ВМРО ДПМНЕ. Посочуваат дека Гуевски не правел и поддржувал криминална, а ја повикуваат опозицијата доколку има било што незаконско или спорно да покрене кривична постапка. „Соодветно на досега прикажаното, и судејќи според контрадикторноста и слабоста на аргументите на Жерновски може веднаш да се заклучи дека обвинувањата за некаков криминал се апсолутно невистинити. Оттука се покажува дека Андреј Жерновски не е за верување. Тој ја превзема улогата на политикант кој освен волјата да троши енергија за млатење празна слама, го мрзи врвките од своите чевли да си ги заврзе. Зошто ако не беше така тој досега ќе имаше нешто сработено со што ќе можеше да се пофали. Но проекти и дела во Општина Центар нема. Токму затоа Жерновски наместо да го троши времето да изгради нешто, се занимава со претходно изграденото“, се наведува во реакцијата и се додава дека Жерновски нема храброст да поднесе кривични пријави и  јавно со име и презиме да каже кој според него направил криминал. Од Министерството за култура  потсетуваат дека не учествувале во тендерските постапки за реализација на спомениците кои се дел од проектот „Скопје 2014“. Според вториот извештај за Скопје 2014 на Слаѓана Тасева и Драган Малиновски, над осум милиони евра е направена штета поради фаворизирањето на италијанските фирми за  спомениците од проектот.
Слично

Поврзани вести