Економија, финансии, бизнис

Контакт

Скопје преживеа долга ноќ, по целодневното тресење

Скопје преживеа долга ноќ, по целодневното тресење

Најсилниот земјотрес беше регистриран вчера попладне во Скопје во 15:10 часот бил со магнитуда од 5,3 степени според Рихтер, а епицентарот бил на 7 километри источно од Скопје.. Според Михаил Гаревски, директор на Институтот за земјотерсно инжинерство од Скопје, земјотреси со овој интензитет не можат да предизвикаат уривање на објекти туку само помали оштетувања. Во меѓувреме, дел од жителите во Скопје, особено станарите од повисоките згради, вознемирени од потресите излегоа на улица и во блиските паркови.

Мала е можноста дождовите да имаат влијание на предизвикување земјотреси

Поројните дождови кои пред еден месец го зафатија Скопје не може да влијаат на земјотреси, уверува универизтетскиот професор Ивица Милевски и додава поплавите иако беа огромни, сепак не се повод за земјотресот. Големи количини на вода, според Милевски може да да придонесат за побрзо активирање на тектонски насобраната енергија, но не се повод за вчерашните земјотреси.

„Поплавите на Скопска Црна Гора беа огромни, но не можеме да ги земеме како сериозна можност за да предизвикаат земјотрес. Под знак прашалник е дали може таква количина на вода да услови такво тектонско активирање“, вели Милевски..

Гаревски: Вакви земјотреси не може да предизвикаат уривање на објекти

Михаил Гаревски, директор на Институтот за земјотерсно инжинерство од Скопје, тврди дека земјотреси со овој интензитет не можат да предизвикаат уривање на објекти туку само помали оштетувања..Сепак, Горан Марковски професор на градежниот факултет, апелира дека градежништвото не трпи импровизации. Запазувањето на сите стандарди е единствената гаранција дека може да останеме безбедни во вакви потреси.

„Постојат гради и со подобар и со послаб квалитет изградени, впрочем скоро и никој во државата нема увид што се е изградено во последните децении. Но, ако се гради според важечките стандарди и ако се почитуваат сите правила и процедури во текот на градбата, тогаш не би требало да стравуваме од вакви земјотреси. Земјотресите за кои што се прокетираат и градат згради низ Македонија се проектирани да издржат и многу посилни земјотреси од овие што вчера се случија“, додава Марковски.

Стотина граѓани побарале лекарска помош по серијата земјотреси

Стотина лица побарале лекарска помош во скопските болници и амбуланти по денешната серија земјотреси што го погодија Скопје и околината..Четириесетина лица побарале помош во градската болница „Наум Охридски“, а уште толку во градската болница „8 Септември“..Најчесто се повредиле при бегање од своите домови, а неколкумина се со скршеници. Во болницата „Наум Охридски“ се задржани на лекување тројца пациенти, меѓу кои и една жена која паднала од тераса од први кат, при што се здобила со скршеници на нозете. Во болницата „8 Септември“ нема хоспитализирани пациенти со повреди од вчерашните земјотреси..Десетина лица вчера попладнево побарале помош и во клиничкиот центар „Мајка Тереза“, но засега нема информации дека има посериозно повредени..Земјотресот предизвика и пречки со комуникацијата во мобилната телефонија, а во некои делови од градот прекинато е снабдувањето со електрична енергија. пријавени се и помали штети на станбени објекти и на возила.

Активиран Градскиот штаб за заштита и спасување

Град Скопје соопшти дека по првиот земјотрес што го потресе главниот град изутрината во 6:58 часот, веднаш е активиран Градскиот штаб за заштита и спасување.

„Веднаш се мобилизираа екипите на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, како и екипите на сите градски јавни претпријатија. Притоа, реализирани се поголем број на интервенции. Градскиот штаб за заштита и спасување во континуитет ја следи состојбата на терен и доколку има потреба соодветно ќе интервенира“, се вели во соопштението од Град Скопје. Градските власти упатуваат и на Упатството за самозаштита на граѓаните од земјотреси што може да се преземе на следниот линк: http://www.dzs.gov.mk/extra/doc/Upatstvo_-_zemjotresi.pdf .

Сите вчерашни земјотреси во Скопје

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Македонија, со станици во Скопје, Штип, Валандово, Битола, Охрид и Крушево, одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, на 11 септември 2016 година, регистрира серија земјотреси чии епицентри се наоѓаат во источниот дел на Скопското епицентралното подрачје.

Серијата започна со земјотрес во 06 часот и 58 минути, кој имаше локална Рихтерова магнитуда 3.9, а беше почувствуван во Скопје и околината со интензитет од VI-VII степени според Европската макросеизмичка скала. Во 06 часот и 59 минути, се случи друг земјотрес, со локална Рихтерова магнитуда 2.8, а со интензитет во Скопје и околината од IV-V степени според Европската макросеизмичка скала. По ова следуваа послаби и непочувствувани земјотреси. Најсилниот земјотрес на серијата се случи во 15 часот и 10 минути, со локална Рихтерова магнитуда 5.3. Истиот беше почувствуван во Скопје и околината со интензитет од VII-VIII степени според Европската макросеизмичка скала, а со послаби интензитети - и во останатите делови на Република Македонија. Во Скопје и околината настанаа извесни оштетувања на постарите градби. По овој земјотрес, до околу 18 часот регистрирани се околу 10 послаби земјотреси, од коишто со мали интензитети се осетени четири.

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести