Економија, финансии, бизнис

Контакт

Скопје ќе потроши милиони евра за нови фасади, за почист воздух пари нема

Скопје ќе потроши милиони евра за нови фасади, за почист воздух пари нема

Нацрт-буџетот за 2016 година, предвидува во Скопје да се потрошат рекордни 70 милиони  евра.  Најголем дел од парите е предвидено да се трошат за изградба и проширување на улици, за проекти за кружни текови, а градски пари ќе се употребат и за финансиска помош на неколку јавни претпријатија.

Дел од буџетот за в година е предвидено да се потроши и за набавка на нови реквизити за планираниот Луна-парк и за нова вртелешка која ќе се постави на плоштадот ‘Филип Втори‘.

Од друга страна, нацрт-буџетот предвидува само 600 000 евра за решавање на проблемот со загадувањето, што се незначителни средства во споредба со парите наменети за нови фасади и фонтани.

Од тие пари само 40.000 евра се за набавка на калциум-магнезиум-ацетат, со кој ќе се прскаат улиците за да се апсорбираат ПМ10 честичките. Преостанатиот дел од средствата ќе се трошат за изработка на елаборати и студии за животната средина.

На ова реагираше и опозицијата во Советот на град Скопје, од каде бараат под итно да се зголеми ставката во буџетот за заштита на животната средина, односно да испланира пари за конкретни мерки кои би се презеле за заштита на воздухот.

„Срамно е локалната власт со загадениот воздух, како еден од најгорливите скопски проблеми, да се справува со одржување симболични манифестации и изработки на елаборати и проекти, наместо да се преземат конкретни мерки. Сметаме дека Градот, доколку сака има решение и механизам да го намали загадувањето. Неопходно да се ограничи сообраќајот во центарот, да се овозможи бесплатен превоз на сите студенти, па дури и на други категории граѓани како би се популаризирал јавниот превоз, а би се намалило користењето на автомобилите кои значително го загадуваат воздухот”-р ече Дамјан Манчевски, координатор на СДСМ во градскиот Совет.

Од Градот пак, велат дека преземаат се' што е во нивна надлежност. Дури посочуваат дека пред 15 години воздухот бил позагаден од сега, што било доказ дека актуелната власт се справува со проблемот.

Слично

Поврзани вести