Скопје 2014: Засега отстранети само „Ќосето“ и каруселот
Само споменикот на Андон Јанев - Ќосето и каруселот на Плоштад Македонија засега се единствените отстранети објекти од контроверзниот проект Скопје 2014-та, а уметникот Златко теодосиевски, кој ја води комисијата за оценување формирана од Минситерството за култура, за Призма тврди дека замисленото досега потешко се остварува поради прагматичност на Владата.
Работната група за Скопје 2014 ја формираше веќе поранешниот министер за култура, Роберт Алаѓозовски.
„Во сите елаборати што сме ги направиле препорачуваме отстранување на споменикот. Тоа е случајот со Александар Македонски, Филип Втори, Порта Македонија, Мајка Тереза, Цар Самоил, Гемиџиите… Практично тоа ќе важи за сите, зашто сите се дивоградби.“ вели Теодосиевски како еден од авторите на првиот Закон за споменици, напишан уште во рамките на поранешна Југославија, а неговата улога во групата е да испита колку се почитувани прописите.
Засега, групата е сконцентрирана на спомениците и за повеќето од нив изработила
елаборати со препораки. Тука нивната работа завршува и понатаму одлучуваат
политичарите.
Сепак впечатокот е дека она што го предлага работната група, многу се разликува од тоа што
реално се случува, бидејќи премиерот Зоран Заев одамна најави дека ќе ја тргне оградата од владината зграда, додека градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, тврдеше дека непловните галии треба да се тргнат од коритото на Вардар.
„Сѐ упатува на таков еден заклучок. Јас лично, па, мислам дека и другите членови на работната група сакаме да веруваме дека тоа нема да биде така. Ако вие утредента праќате да рушат дивоградба, која случајно е индивидуална куќа, која е разликата со отстранувањето на овие споменици. Законот не прави такви разлики.“ вели Теодосиевски, кој смета дека политиката може да го развлече процесот, ама не и да не го заврши.
