Скок на добивката на Реплек АД Скопје во првите три месеци од 2018
Во првите три месеци годинава Реплек АД Скопје има раст на добивката за 70 отсто.
Фармацевтската компанија од јануари до март 2018 остварила оперативни приходи од 225.212.000 денари, додека оперативните расходи изнесуваат 197.026.000 денари, соопштуваат од Реплек преку Македонска берза.
Учество од 38% во вкупните приходи од продажба (2017: 36%) има компанијата за лекови на домашниот пазар или раст од 16‚ споредено со лани истиот период.
Консолидираната добивка пред оданочување изнесува 37.265.000 денари и бележи пораст за 70% во однос на истиот период претходната година.
Неодамна фармацефтската компанија Реплек на одржаното Собрание на акционери ги донесе најважните одлуки на друштвото, меѓу кои и таа за распределба на добивката во дивиденди за акционерите. „Лекот“ од Реплек е по 4000 денари нето за една акција, или 4444 денари бруто со пресметан персонален данок, што е сосема солиден дивиденден принос за акционерите на друштвото.
Според одлуките на Собранието на акционери, Реплек АД Скопје донесе одлука за распределба на добивката од 2017 година за дивиденди, како и на акумулираната добивка за персонален данок и дивиденди.
Така 87,3 милиони денари од акумулираната добивка ќе „легнат“ на сметките на акционерите. За данок на добивка за исплата на акумулирана добивка од 2013 година се издвојуваат 3,2 милиони денари. Од добивката за тековната година согласно завршната сметка за 2017 ќе се распределат 27,8 милиони денари за дивидени и персонален данок.
