Економија, финансии, бизнис

Контакт

„СКЕНИРАЧИТЕ“ СЕ ПОВЕЌЕ СЕ НЕРВИРААТ СО БЛЕДИ И НЕЧИТЛИВИ ФИСКАЛНИ - УЈП нема основ да ги казнува „мрзливите“ трговци, само им укажува

„СКЕНИРАЧИТЕ“ СЕ ПОВЕЌЕ СЕ НЕРВИРААТ СО БЛЕДИ И НЕЧИТЛИВИ ФИСКАЛНИ - УЈП нема основ да ги казнува „мрзливите“ трговци, само им укажува

Граѓаните кои скенираат фискални сметки се повеќе се жалат дека наидуваат на проблеми при скенирањето, односно дека не успеваат да „прочитаат“ многу од нив преку своите паметни телефони. Проблемите се јавуваат кога не е убаво испечатена фискалната сметка, најверојатно поради недостиг на боја за печатење кај фискалните апарати. Тоа ги прави нечитливи кодовите на фискалните сметки, така што таа сметка не може да биде скенирана.

Добро е познато дека овие граѓани имаат опција фискалните сметки кои не можат да ги скенираат – да ги сочуваат, па кога ќе имаат време да ги однесат во скопската Централа на УЈП, или кај читачите кои УЈП ги постави во регионалните дирекции, кои се посилни, па преку нив ќе успеат да ги скенираат фискалните. Или, пак, ако и тоа не е возможно, тоа за нив ќе го сторат службениците на Управата за јавни приходи, кои стојат на располагање.

Сепак, за многу од граѓаните ова веќе станува заморно, па тие, не можејќи постојано да одат во УЈП, бидејќи тоа им претставува и губење време и дополнителни трошоци, се решаваат да „не се трудат премногу“ и да се откажат од скенирање, односно да ги исфрлат фискалните.

„Се повеќе наидувам на фискални сметки кои едноставно не успевам да ги скенирам. Порано одев до УЈП и таму го правев тоа, но сега веќе немам ниту нерви, ниту време, и се решавам да ги исфрлам неупотребливите фискални, без оглед што на тој начин ќе загубам дел од повратот на ДДВ кој ми следува“, вели еден наш сограѓанин.

Со тоа практично се девалвира владината мерка која првенствено е насочена да биде алатка за борба против сивата економија, односно граѓаните да се мотивираат да купуваат само од маркети и продавници кои издаваат фискални, со цел да се намали прометот кај оние кои тоа не го прават, па и тие да бидат принуидени да работат согласно законите. Односно, преку повратот на ДДВ од 10 и 20 отсто кој го имаат граѓаните, и кој легнува на нивните сметки на секои три месеци, тие практично се стимулираат да станат своевидни „инспектори“’, и самите да бараат трговците да им издаваат фискални сметки. Но, доколку работата продолжи вака, ќе се изгуби целта и поентата на мерката, и ќе продолжи да владее сивата економија.  

ПОПЛАКИ ИМА, НО ЗАКОНИТЕ НЕ ПРЕДВИДУВААТ ПРЕКРШОЧНИ САНКЦИИ

Фактор ја праша Управата за јавни приходи колку претставки имаат од граѓаните за овој проблем и дали нивниот број е зголемен во овој период, но и како УЈП реагира, односно какви мерки преземаат кон трговците и дали тие брзо ги поправаат грешките кај своите апарати. Се интересиравме и дали има некакви санкции или мерки кон трговците чии фискални сметки не се скенираат.

Од УЈП признаваат дека дел од поплаките на граѓаните се однесуваат на интензитет на бојата на печатената сметка.

„Во однос на бројот на поплаки по овој основ не можеме да дадеме податок, од причина што пријавите се евидентираат кумулативно, а не по основот за тоа што е пријавено“, објаснуваат од Управата.

На нашето прашање дали има некакви санкции или мерки кон трговците чии фискални сметки не се скенираат, од УЈП велат дека Законот за регистрирање на готовински плаќања и Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физички лица, не предвидуваат прекршочни санкции по овој основ.

„Во случај на ваква пријава овластените лица на УЈП го посетуваат конкретниот даночен обврзник и му се посочува конкретниот проблем, со укажување дека треба да постапи и да го среди интензитет на бојата на печатачот. Исто така, доколку граѓаните се соочат со овој проблем, имаат право скенирањето да го вршат и преку баркод читачи и киоск апарати, поставени  во Регионалните  дирекции на Управата за јавни приходи“, велат од УЈП.

На нашата забелешка дека граѓаните веќе немаат нерви постојано да одсат до киоск апаратите и регионалните дирекции, од УЈП велат дека тоа не е точно, и дека многу граѓани се уште ги посетуваат нивните простории за да ги скенираат сметките доколку не успеале тоа да го сторат преку своите паметни телефони.  

ЖАЛБИ ИМА И ЗА ПЕРИОДОТ НА ИСПЛАТА, НО И ЗА НЕОДВОЕНИТЕ МАКЕДОНСКИ ПРОИЗВОДИ

Исто така, граѓаните до УЈП најчесто реагираат на исплатата, со тоа што очекуваат да им се исплати повратот веднаш по завршување на тримесечјето.

„Тука сакаме да разјасниме дека согласно законот за враќање на дел од ДДВ кај физички лица, исплатата на дел од ДДВ се реализира во рок од 60 дена по  истекот на календарското тримесечје во кое е издадена фискалната сметка. Овој рок, се разбира, е поставен за да може да се обработат податоците и да се изврши исплатата во законскиот рок“, потенцираат од УЈП.

Оттаму, исто така, велат, дека откако се воведоа законски измени со кои на домашните производи се враќа 20 отсто, а на странските 10 отсто од пресметаниот ДДВ, се зголемил бројот на пријави за фискални сметки кои не ги содржат овие елементи.

„Со измените во Законот за враќање на дел од ДДВ на физички лица, каде е регулирано враќањето на делот од ДДВ пресметан на прометот на македонски добра и услуги да се врши во висина од 20 отсто, а за останати добра и услуги во висина од 10 отсто од пресметаниот ДДВ, искажан во поединечна фискална сметка, се зголеми бројот на пријави, како на линијата 198, така и во писмена форма и по пошта, за даночни обврзници кои издаваат фискални сметки во кои не се содржани сите елементи на фискалната сметка, согласно член 5 став 1 од Законот за регистрирање на готовински плаќања“, објаснуваат од УЈП.

Според нивните податоци, во периодот од 15 јуни лани до 25 август годинава биле спроведени 23 контроли согласно член 5 став 1 од ЗРГП, а по поднесени пријави за фискални сметки во кои не се содржани сите елементи на фискалната сметка. За истите се изречени 23 прекршоци согласно член 21-а од Законот за регистрирање на готовинските плаќања за издавање на сметка која не ги содржи пропишаните елементи.

ЗГОЛЕМЕН ИНТЕРЕС ЗА СКЕНИРАЊЕ, ЗА ВТОР КВАРТАЛ ЌЕ СЕ ВРАТАТ 7,5 МИЛИОНИ ЕВРА

Инаку, бројките на УЈП говорат дека во второто тримесечје од 2021 година, во месеците април, мај и јуни граѓаните скенирале 73.009.691 фискални сметки, а вкупниот промет изнесува 36.284.721.266 денари.

„Исплатата на парични средства се врши врз основа на Законот за враќање на дел од ДДВ кај физичките лица, и истата е веќе започната. Кај граѓаните кои скенирале фискални во ова тримесечје, ќе се вратат вкупно 461,2 милиони денари или 7,5 милиони евра“, велат од УЈП.

Од УЈП потенцираат дека мерката скенирање на фискални сметки е многу популарна кај граѓаните, и, како што велат, секое тримесечје бројот на корисници е се поголем и поголем. Само во вториот квартал 2021 година УЈП бележи нови 16.557 корисници на апликацијата.

Додаваат и дека УЈП им овозможи на граѓаните  и електронски да си проверат до каде е исплатата од МојДДВ на своите корисничките профили, на Е-ПДД (www.e-pdd.ujp.gov.mk).

Нина Нинеска-Фиданоска

Слично

Поврзани вести