Скендеровски од „Југохром“: Чекаме Владата да пушти пари, ние нашето го сработивме
Васко Скендеровски, директорот на „Југохром“, вели дека комбинатот ги собрал парите за потребните филтри против загадување, но дека се уште се чека Владата да си го исполни својот дел, за потоа капацитетот да го направи долгоочекуваниот ре-старт.
Поставувањето на филтрите на комбинатот од тетовско Јегуновце и оваа година нема да се реализира, а според тоа, нема ниту да проработи.
Скендеровски во изјава за Алсат рече дека „Југохром“ не е во состојба да ги продолжи работите сè додека владата не го одржи ветувањето и не ги исплати предвидените 1,5 милиони евра.
„На средбата која вчера ја реализиравме со Владата ни беше ветено дека за три недели средствата ќе се пуштат со цел да продолжи работата. Работите моментално се прекинати бидејќи нашата фирма направи инвестиција од еден милион евра, а останатиот дел според договорот, треба да го исплати Владата. изјави, Васко Скендеровски, Директор на „Jугохром“
Станува збор за заем од 1,5 милиони евра, а поради доцнењето од синдикатот најавуваат и можни протести пред владината зграда.
Се очекува владата да ги исплати средствата за продолжување на втората фаза за завршување на металната конструкција, по што ќе следи и поставувањето на филтри за печките седум и осум.
Пред четири месеци Владата вети дека ќе му овозможи на „Југохром“ кредит од 1,5 милиони евра да го заврши проектот без кој не може да продолжи со работа.
