Економија, финансии, бизнис

Контакт

Скендеровски: Доцна ја добивме дозволата за градба на филтрите, Југохром мора да продолжи да работи

Скендеровски: Доцна ја добивме дозволата за градба на филтрите, Југохром мора да продолжи да работи

Југохром е цврсто решен да ги задржи работниците кои ги има околу 700 на број со тоа што додека се на принуден одмор ќе земаат по 70% од платата и на овој начин се постигна договор со синдикатот, но за овие два месеца додека компанијата нема производство трошоците се значително зголемени, а приходи нема. 

Токму затоа поднесена е жалба до второстепена комисија на Министерството за животна средина за промена на одлуката за сопирање на работните активности бидејќи Југохром немал доволно време да ги заврши градежните активности за поставување на системот за отпрашување. 

„Градежната дозвола од Министерството за транспорт и врски ја добивме на 1 јули годинава, а на сила стапи на 18 јули. Тоа не ни остави простор навреме да ги завршиме сите градежни активности бидејќи станува збор за обемен проект. Очекуваме филтрите и целиот систем да бидат финиширани во април следната година на дел од погонот, а дотогаш се надеваме дека ќе добиеме дозвола да продолжиме со работа бидејќи двата процеса може да се одвиваат истовремено“, посочи Васко Скендеровски извршниот директор на Југохром на денешната прес конференција.

На прашањето на Фактор до кога сметаат дека може да издржат финансиски, односно и да исплаќаат дел од платите и придонесите за 700 вработени, а се без реални приходи, Скендеровски смета дека тоа не може долго да продолжи. 

Синдикалниот лидер на Југохром, Бајрам Амити вели дека работниците ќе продолжат со својот притисок за да се исполнат нивните барања и нема да се откажат од протестите кои во наредниот период ќе станат посериозни. 

„Постигнавме договор со раководството на Југохром, за ноември и сега за декември, со делумната исплата на платите. Сепак, состојбата е неизвесна и не знаеме како ќе продолжиме понатаму, затоа бараме да ни дадат дозвола да продолжиме со работа, а истовремено да продолжи поставувањето на филтрите“ посочи Амити.

Директорот Скендеровски исто така истакна дека Југохром не е ниту единствен ниту пак најголем загадувач, а показател за тоа се мерењата на загаденоста на воздухот во Тетово кои и кога фабриката не работи се на многу високи нивоа. 

Проектот за А интегрирана дозвола предвидува 29 мерки од кои 21 веќе се исполнети, но сметаат дека одложувањето на добиената дозвола е главна причина за што роковите не се испочитувани, и тие не бегаат од својата одговорност. Сепак, Југохром е еден од најголемите работодавци во полошкиот регион и учествува со 1% во БДП на Македонија со значаен удел и во извозот. 

Целосното заокружување на обемниот градежен проект е прашање на долг процес на менување на урбанистичките планови и целосно ремоделирање на самата фабрика и причините за одложување се објективни, заклучи Скендеровски.


Слично

Поврзани вести