Патниците што веќе ги планираат пролетните и летните патувања би можеле да се соочат со повисоки цени на авиобилетите, бидејќи растот на цените на горивото сè повеќе ги оптоварува авиокомпаниите.
Една од главните причини за овој притисок е кризата на Блискиот Исток, која предизвика нов раст на цените на нафтата и млазното гориво. Бидејќи горивото е меѓу најголемите трошоци во авиосообраќајот, секое негово поскапување директно се одразува и врз работењето на авиокомпаниите.
Според најновите информации, цените на млазното гориво во Европа се зголемиле двојно, додека во Азија пораснале за речиси 80 проценти. Од easyJet веќе предупредија дека повисоките цени постепено ќе почнат да се прелеваат и врз патниците кон крајот на летото, кога ќе почнат да истекуваат постојните заштити од ценовни шокови. Компанијата во јануари објави дека однапред обезбедила 84 проценти од потребното гориво за првата половина на 2026 година, 62 проценти за втората половина од годината и 43 проценти за првата половина на 2027 година.
Ова доаѓа токму во период кога многумина резервираат одмори и патувања, па промените најмногу ќе ги почувствуваат граѓаните што планираат да летаат во наредните месеци.
Засега никој не може прецизно да каже колку ќе пораснат цените, но веќе е јасно дека летувањето годинава би можело да чини повеќе.