Економија, финансии, бизнис

Контакт

СКАНДАЛ: Македонскиот амбасадор во Катар си трошел без мерка

СКАНДАЛ: Македонскиот амбасадор во Катар си трошел без мерка
Внатрешната контрола за работата на дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија во странство открила неправилности и отстапувања во работата во амбасадата во Доха, Катар, потврди МНР. Амбасадорот Фуад Хасановиќ заради ова бил повикан на консултации во Македонија, во текот на јуни - јули 2014 година. „Согласно конечниот ревизорски извештај се констатираше неправилно управување со дел од ресурсите во амбасадата во Доха од страна на амбасадорот Хасановиќ и истиот е задолжен да го врати износот на средства во целост, а во тек е правна постапка за нанесената штета во рамки на која се поднесува пријава до надлежните инстанци“, информираат од МНР. Скандалот во работењето на амбасадорот во Доха го открија медиумите. Весникот Вечер ја пренесе изјавата на индискиот државјанин Захарија Јелети, вработен како возач во македонската амбасада, кој тврди дека амбасадорот Хасановиќ го држел како заложник за да избегне да му ги исплати задоцнетите плати. Имено, Јелети тврди дека иако амбасадорот редовно од Скопје добивал пари за плати на вработените, пред нив се жалел дека е криза во Европа и во Македонија и дека нема како да ги исплати, па ги советувал да си побараат друга работа. Кога си ги побарал 15-те несиплатени плати, Јелети бил држен во амбасадата додека не потпишал некој документ на македонски јазик што не го разбирал. Амбасадорот Хасановиќ ги негирал сите вакви тврдења и за Вечер изјавил дека се исплатени сите обврски за вработените во Амбасадата. Иако од МНР најавуваат правна постапка против Хасановиќ за откриените неправилности во работењето, информациите на Вечер се дека тој од Катар само ќе биде префрлен на нова дипломатска мисија во Сараево доколку на МНР му врати 50 илјади американски долари за кои се смета дека ги злоупотребил. Индискиот државјанин Јелети веќе најмил адвокат и има намера да покрена приватна тужба против македонскиот амбасадор. Хасановиќ не е професионален дипломат, туку партиски кадар, а извесен период ја извршуваше и функцијата заменик-министер за надворешни работи. Уште тогаш медиумите пишуваа дека тој ја искористил позицијата за во Клубот на пратеници да си организира сунет за својот син.
Слично

Поврзани вести