Скандал-амбасадорот Хасановиќ сепак нема да оди на нова функција
Претседателот Ѓорге Иванов веројатно нема да го потпише указот за назначување на Фуад Хасановиќ за нов амбасадор во Сараево. Откако МНР откри финансиски злоупотреби што Хасановиќ ги вршел на функцијата во Катар, тој најверојатно нема да замине на новата дипломатска мисија.
Малверзациите што ги правел Хасановиќ во Катар биле откриени само еден месец пред тој да замине на нова амбасадорска должност и откако веќе Босна и Херцеговина дала агреман за негово назначување.
Од Кабинетот на Претседателот Иванов соопштија дека тој очекува официјално известување од Министерството за надворешни работи за сите наводи за неправилности кои се поврзуваат со работењето на амбасадорот Хасановиќ, по што ќе донесе конечна одлука. Но, Иванов во секој случај нема да потпише указ за амбасадор кој не ги исполнува условите од законот за надворешни работи, кај кого се потврдени неправилности во работењето и кој не може достојно да ја претставува Република Македонија, информираат од претседателскиот Кабинет.
СКАНДАЛ: Македонскиот амбасадор во Катар си трошел без мерка
По ова, Хасановиќ нема да може да се врати на работа во МНР, затоа што не ги исполнува законските услови за тоа, а заради тешките обвинувања за проневера на 50.000 долари државни пари тој веројатно нема да може да се врати ниту на неговото поранешно работно место во Агенцијата за разузнавање, од каде беше именуван за заменик-министер за надворешни работи.
Амбасадорското место во Сараево останува празно, а во меѓувреме прв човек на мисијата во БиХ ќе биде дипломат вршител на должност. МНР од Хасановиќ бара да ги врати злоупотребените пари, а најави дека против него ќе поведе постапка за нанесената штета пред надлежните инстанци.
Слично
