СЈО: „Пуч“ е одложен,Судот не дава копија од доказите, Груевски следен сведок!
Денеска требаше да продолжи судењето за случајот „Пуч“ меѓутоа истото е одложено за 3 мај.
Од Специјалното јавно обвинителство велат дека причината за одложувањето на главната расправа за „предметот Пуч“ е тоа што судот не и ги дава побараните копии од доказите на специјалната обвинителка Катица Јанева.
Како што стои во соопштението до медиумите од СЈО појаснуваат дека нивното прво барање кон за достава на копии од списи и електронски докази е упатено на 21.12.2015 година и истото е прецизирано со барање од 09.02.2016 година, меѓутоа судот донел решение со кое го одбива ваквото барање.
Од СЈО велат дека на оваа одлука на Судот поднеле жалба.
„Појаснуваме на јавноста дека со цел да можеме да се впуштиме во главната расправа нужно е да поседуваме докази врз основа на кои ќе дадеме воведни говори и кои ќе можеме да ги предочиме на обвинетите лица. Начелата на акузаторност и легалитет на постапката налагаат јавниот обвинител да ги поседува доказите на кои се заснова обвинението. Поради тоа се добива впечаток дека Судот врши опструкција на работата на ова Јавно обвинителство, одолговлечувајќи ја кривичната постапка и оневозможувајќи на ова Јавно обвинителство да се впушти во главната расправа“, истакнуваат од СЈО.
Специјалната обвинителка Катица Јанева денеска побара на следното рочиштето да биде присутен и оштетениот кој е и сведок, при тоа мислејќи на Никола Груевски.Јанева исто така посочува дека се отворени уште 15 предистражни постапки но дека Судот и ја отежнува работата со тоа што не ги доставува побараните копии од доказите.
