СЈО покрена предистражна постапка за приватни разговори објавени на Интернет
Од Специјалното јавно обвинителство соопштија дека е покрената предистражна постапка за приватните разговори кои беа пласирани во јавноста преку социјалните мрежи.
Од оваа институција најостро го осудија објавувањето на материјали од приватни разговори со кои, како што велат се нарушува интегритетот, достоинството и моралот на определени лица.
Појаснуваат дека овој чин претставува кривично дело за кое се предвидува затворска казна од една до пет години, и апелираат сите оние кои поседуваат ваков вид на прибавени аудио разговори помеѓу одредени лица истите да ги достават во најкраток можен рок до ова Јавно обвинителство а тие согласно нивните надлежности ќе ги истражат.
Исто така, од СЈО информираат дека до Собранието на РМ поднеле Иницијатива за донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци која иницијатива произлегува како резултат на потребата од уредување на надлежноста на Јавното обвинителсто за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите во постапката за заштита на сведоци и е во насока на елиминирање на можноста за поставување на бројни пречки во нивната работа
Сметаат дека донесувањето на овој закон ќе обезбеди целосна имплементација на начелото на автономност на СЈО во истражувањето и гонењето на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.
