Економија, финансии, бизнис

Контакт

СЈО најостро ги демантира пишувањата дека бил вршен притисок врз Крпач

СЈО најостро ги демантира пишувањата дека бил вршен притисок врз Крпач

Специјалното јавно обвинителство најостро ги демантира пишувањата на одредени медиуми дека ова Јавно обвинителство правело каков било притисок врз сега покојниот Коста Крпач.

„Ве известуваме дека лицето Коста Крпач доброволно се јави во ова Јавно обвинителство и истиот имаше својство на сведок во рамки на една предистражна постапка. Соработката со сведокот беше беспрекорна и се работеше за исклучителна личност, така што веста за неговата смрт ги погоди сите вработени во ова Јавно обвинителство. Во оваа прилика, сакаме да изразиме длабоко сочувство до членовите на семејството на сега покојниот Коста Крпач. Воедно Ве известуваме дека ова јавно обвинителство поседува докази за многу релевантни околности, вклучително и за притисокот под кој се наоѓаше лицето Коста Крпач, но со оглед дека се работи за исклучително доверливи информации, истите нема да бидат соопштени на јавноста во овој момент. Секако, доколку се јави потреба ние сме отворени за соработка со органите на прогонот кои ја испитуваат смртта на сега покојниот“ - стои во соопштението.

Наведуваат дека пред СЈО никогаш не била водена кривична постапка против сега покојниот Коста Крпач и тој никогаш немал својство на осомничено лице. Од тие причини, велат од СЈО, за нив е нејасна одлуката на претседателот на Република Македонија да го помилува.

„Сè уште чекаме одговор на поднесеното барање за достава на податоци од каде му се информациите на претседателот на Република Македонија дека наводно против ова лице се водела кривична постапка“- велат од СЈО.

Апелираат до одредени медиуми да се воздржат од објавувањето на тенденциозни натписи и непроверени информации, кои не само што фрлаат невистинито светло на настаните, велат оод СЈО, туку се на штета на утврдување на вистината и задоволување на правдата, додаваат од СЈО.

Слично

Поврзани вести