СЈО ќе истражува дали е земена провизија за увоз на оружје
„Тврдина“ не е единствен случај каде се истражува набавка на опрема за безбедносниот сектор.
КОД откри дека Специјалното обвинителство истражува и увоз на оружје и опрема за потребите на полицијата и војската, објави Телма. Зделката одела преку една македонска фирма, но специјалните обвинители имале потешкотии да добијат информации за случајот од УЈП и од царината. Трговијата со оружје спаѓа во 93-та глава од царинската тарифа за стоки за чиј увоз и извоз информациите се доверливи. Но, за обвинителите тоа правило не важи па тие прво добиле копии од документацијата во УЈП од „свиркачи“, односно пријавувачи на криминал од самата институција.
Сомнежите се дека при набавката на тоа оружје и опрема е наплатена провизија. Имало сомнежи и дека тоа оружје всушност само минало низ Македонија, било увезено, оцаринето, оданочено и веднаш продадено и препратено во друга земја, јавува Телма.
