СЈО И КАТИЦА ЈАНЕВА: Нема зима за нив додека странците им го чуваат грбот!
е И покрај опструкциите со кои се соочи Специјалното јавно обвинителство, нотирани и во Извештајот за шестмесечната работа, тоа ќе ја заврши работата за која е формирано – да ги истражи и процесуира предметите поврзани со криминал кој произлегува од прислушуваните материјали, оценуваат експертите за “Фактор“. Во Извештајот што беше доставен до Собранието и до Советот на јавни обвинители, СЈО укажа на серија опструкции од страна на институциите.
“Изразено е непочитување на динамиката на работа и автономноста на ова Јавно обвинителство“, напиша обвинителката Катица Јанева во отчетот за шестмесечната работа.
Опструкции во работата ...
Со опструкции и непочитување на автономноста се соочи Специјалното јавно обвинителство за период од шестмесечното работење, наведе СЈО во извештајот што го достави до Собранието и до Советот на јавни обвинители.
“Со постапувањето на дел од јавните обвинителства во Република Македонија спротивно на моето барање за доставување на само пет предмети и доставувањето на сите предмети содржани во статистичкиот преглед на Јавното обвинителство на Република Македонија, изразено е непочитување на динамиката на работа и автономноста на ова Јавно обвинителство. Воедно истите овие јавните обвинителства и во наредниот период одбиваа да соработуваат со ова Јавно обвинителство, одбивајќи да ми достават предмети на увид без да имаат законски основ за таквото одбивање и воопшто одбивајќи да ми ги достават предметите кои ги имам побарано со цел да се произнесам за стварната надлежност на ова Јавно обвинителство. Недостасувањето на предметите и известувањето испратено од страна на овие обвинителства до Советот на јавни обвинители со кои се иницира постапка за проверка на мојата професионалност при извршувањето на работите и задачите попишани со законот, од аспект на предметите кои ги имам побарано, е токму одраз на недостаток на доверба во мене како Специјален јавен обвинител и повреда на законските обврски и начелото на автономија на ова Јавно обвинителство“, вели Јанева во својот прв извештај.
Дел од политичките аналитичари сметаат дека и покрај опструкциите и саботажите, СЈО ќе ја заврши работата бидејќи има меѓународна подршка.
“СЈО постигна значителен успех кој не смее да се омаловажи, и треба да се признае и поддржи. Иако оваа институција има заштита во Пржинскиот договор, мора да добие доверба и поддршка од народот. Клучна е и поддршката на меѓународната заедница која секогаш била клучен фактор за решавање на политичките кризи во кои не вовлекувале нашите политичари“, вели за “Фактор“ аналитичарот Соња Стојадиновиќ.
Дел од познавачите очекуваат дека СЈО и натаму ќе се соочува со институционален проблем.
“Мислам дека работата на СЈО ќе вроди со плод, ќе даде резултати. Проблем останува судството, односно опструкциите од страна на судската власт но како што минува времето и засилува поддршката од меѓународниот фактор, СЈП сепак ќе ја заврши работата. Оваа институција е единствен надеж дека криминалот и корупцијата ќе добијат судска разрешница“, вели за “Фактор“ Исмет Рамадани, претседател на Евро-атланскиот совет на Македонија.
Кои истраги и се отворени и што може да се очекува ..
Според наведеното во извептајот на СЈО, во уписникот НСК-РО за извештајниот период од шест месеци, се запишани вкупно 120 предмети, од кои 50 предмети во 2015 година и 70 предмети во 2016 година.
Предистражните постапки се однесуваат на незаконското следење на комуникациите -прислушкувањето, испитување на изборни нерегуларности, како и незаконитости во врска со финансирањето на медиумите, разни злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејствија и разни злоупотреби на службена положба и овластувања, финансиски истраги, како и незаконитости во постапките кои се однесуваат на градежни работи итн
“Во извештајниот период од основањето на ова Јавно обвинителство па до 15.03.2016 година во уписникот НСК-КО запишани се вкупно 30 предмети против 80 лица, од кои 29 предмети во 2015 година против 77 лица и 1 предмет во 2016 година против 3 лица. Структурата по кривични дела против вкупно 80 лица е следна: 10 лица за кривично дело “Повреда на избирачкото право” од член 159 од КЗ , 37 лица за кривично дело “Злоупотреба на службената положба и овластување” од член 353 од КЗ, 12 лица за кривично дело “Повреда на слободата на определување на избирачите” од член 160 од КЗ, 1 лице за кривично дело “Повреда на тајноста на гласањето” од член 163 од КЗ, 3 лица за кривично дело “Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања” од член 165 –а од КЗ, 1 лице за кривично дело “Злоупотреба на лични податоци “ од член 149 од КЗ, 2 лица за кривично дело “Присилба” од член 139 од КЗ, 6 лица за кривично дело “Неовластено прислушкување и тонско снимање” од член 151 од КЗ, 1 лице за кривично дело “Шпионажа” од член 316 од КЗ, 1 лице за кривично дело “Насилство спрема претставници на највисоките државни органи” од член 311 од КЗ, 2 лица за кривично дело “Повреда на рамноправноста на граѓаните” од член 137 од КЗ, 3 лица за кривично дело “Изборна измама” од член 165 од КЗ и 1 лице за кривично дело “Уништување на изборен материјал” од член 164 од КЗ“, се наведува во Извештајот на СЈО и се додава дека покрај за наведените кривични дела, за 10 лица се води и постапка и за кривично дело „Злосторничко здружување“ од член 394 од Кривичниот закон.
Специјалното јавно обвинителство досега отвори еден случај под името “Титаник“ за изборни нерегуларности во кој меѓудргите се сомничат поранешните министри, Горадана Јанкуловска за внатрешни работи, Миле Јанаќиевски за транспорт и врски, генералниот секретар во Владата, Кирил Божиновски, градоначалникот на Пустец, Албанија, Едмонд Темелко и уште неколку лица. Брањето на СЈО за одредување мерка притвор за осмоничените беше одбиена од страна на судот. Според аналитичарите, извептајот укажува и на нови истраги.
“Може и треба да се очекува преземање на останатите предмети, меѓу кои еден од поважните е Шпион, но сепак треба да се очекуваат и секакви обиди за саботажа од страна на судовите и ЈО поточно саботерски активности од нивните кадри“, вели Стојадиновиќ.
Во извештајниот период реализирана е соработка со меѓународни институции, остварени се средби со високи претставници на меѓународните фактори и безрезервно од сите е дадена поддршка на работата на ова Јавно обвинителство. Воедно и Резолуцијата на Европскиот парламент ја опфаќа работата на ова Јавно обвинителство и бара од сите политички субјекти и државни институции поддршка во работата на ова Јавно обвинителство.
Р.Ф.
Слично
