СИТЕ СЛАБОСТИ НА ЕКСТЕРНОТО: Дали низ „реформи“ ги губиме децата?
Екстерното тестирање кое иако беше една од најкритикуваните реформи на Владата и оваа година до крајот на неделава ќе се реализира во сите основни и средни училишта. Надлежните не ги преубеди ниту реакцијата на учениците, родителите и наставниот кадар, ниту протестите кои се случија изминативе неколку години. Иако најавија широка дебата во која ќе ги вклучат сите засегнати страни и ќе бидат разгледани клучните забелешки околу контроверзноста на целиот проект, тоа не се случи. Единиците останаа во свидетелствата, казните и наградите се ставени во мирување, но не и целосно избришани. Законските решенија за откази доколку три пати последователно се покажат отстапки во оценувањето и понатаму како притисок и закана им “висат над глава” на наставниците и професорите.
Оттука тие уште еднаш сакаат да потсетат на слабостите на екстерното тестирање кое како што велат не може и не смее да се користи како мерка за поткусурување и вреднување на работата на наставниците.
Неповолни техничко материјални услови во училиштата,отсуство на опремени кабинети, лаборатории, библиотеки, компјутери кои не можат да се одржуваат заради отсуство од стручни лица и финансиски средства, неплатени сметки за струја, студени предавални, обременети наставни планови и програми кои го оптоваруваат секојдневието на учениците, наставниците, процес на децентрализација заглавен во политички лавиринти и лошо осмисленио начин на екстерно проверување на знаењата на учениците со импликации врз успехот на учениците се само дел од проблемите во низа кои ја отсликуваат остојбата во образовниот процес.
“Вреднување на работата на наставниците врз основа на сложен инструментариум (преку точно утврдени индикатори за квалитет на работата на наставникот), а плата според резултатите од екстерно тестирање на крајот од секоја година. Административни обврски кои на наставникот не му оставаат простор да биде наставник. Казни, непознати за ниту еден образовен систем во Европа и светот. Систем на награди, повторно врзан според резултатите од екстерна проверка. Избрзани законски решенија кои дополнително ги комплицираат состојбите во образованието.Кога ќе се повлече линија, остануваат незадоволни наставници, универзитетски професори,средношколци, студенти, родители”- потсетуваат наставниците.
Екстерните проверки велат се дел од многу образовни системи. Ваквиот модел на проверка е еден од начините да се добие јасна слика за степенот на исполнување на стандардите во образованието. Овие проверки ги спроведува државата (преку надлежни министерства или испитни центри) или се дел од меѓународни проекти (PISA,TIMSS,PIRLS) и тие се показател на знаењата на учениците од одредени научни дисциплини. Но резултатите од екстерните проверки според нив служат за пронаоѓање на слабостите во еден воспитно образовен систем, изнаоѓање нови, поефикасни образовни модели и креирање политики кои ќе водат кон подобрување на квалитетот на образованието.
Македонија за првпат беше дел од меѓународно тестирање во 2000г. во рамки на проектот PISA (Program for International Student Assessment) кој опфаќа ученици на возраст од 15 год. На ова тестирање нашите ученици (од областа на природните науки, математика и оспособеност за читање со разбирање) покажаа слаби резултати. Во 2015 г. повторно нашите ученици ќе бидат дел од вакво екстерно меѓународно тестирање.
Во продолжение неколку образовни системи во кои години наназад се спроведуваат екстерни тестови од страна на државата
САД веќе 20 години имаат искуство со (Output-standards) екстерни тестирања на учениците (Previšiċ,2007:121) и според анализите од американското искуство (Lind,2004, Amrein I Berliner,2002), ваквиот начин на проверка се покажал како неефективен. Најмногу приговори се однесуваат на конструкцијата на тестовите и мерните инструменти, а особено на тоа дека знаењата за стварноста се редуцираат врз мерливи знаења, дека компетенциите се осиромашуваат за оние димензии кои не се објективно мерливи.
Англискиот образовен систем е комбинација од input и output ориентација. Тоа подразбира посветување подеднакво внимание и на интерните проверки и следење на постигањата на учениците во текот на училишната година, но и национално спроведување на тестирање. Наставниците укажуваат дека националните тестирања не се доволни за целосно вреднување на постигнувањата на учениците. Честите проверки предизвикуваат стресни ситуации кај учениците. (Whitburn,2000,31, според Previšiċ,2007: 130) Стандардите се насочени кон она што ќе биде тестирано и предизвикуваат „учење за тест“ што сосема ја губи целта заради која постои екстерната проверка.
Во Р. Финска, националното тестирање се однесува само за учениците во последната година од основното образование. Притоа, нивните ученици веќе десетина години наназад се на првите места според резултатите на меѓународните тестирања. Важно за напомена е дека тие континуирано покажуваат одлични резултати не во покажување на знаењата како усвоени факти, туку во решавање на „проблем ситуациите“. Ова укажува на силните напори на сите чинители на образовниот систем да се стави акцент на суштината, не на формата. Кај секој граѓанин во ова општество постои изразена свест за образување и делување во општество засновано на знаење.
Во Р. Словенија екстерното тестирање од страна на државата се спроведува на крајот од првиот, вториот и третиот тригодишен образовен период. Значи на крајот од трето, шесто и девето одделение. Резултатите од тестирањето имаат формативна улога. Тие, главно служат како увид во степенот на знаења на учениците од одделни предмети (а се тестираат мајчин јазик, математика и најчесто странски јазик) и да се креираат образовните политики за средно образование.
И покрај слабите резултати на меѓународните тестирања (PISA-2001,2002,TIMSS-1995), Германија нема спроведувано екстерни тестови на национално ниво, но сите расположиви човечки ресурси ги има екипирано за определување на образовните стандарди со кои ќе се осигурува на квалитет во образовниот систем.Користејќи ги искуствата од Германија и Австрија го јакне образовниот систем со определување стандарди (за сите подрачја) без да воведе национално екстерно тестирање.
Во сите образовни системи во кои се спроведува екстерно тестирање на учениците на национално ниво, во Европа и САД, резултатите служат како показатели за одредени слабости или како насоки за креирање нови образовни стратегии за развој на образовните системи.
КАКО ДА СЕ ВРАТИ ДОВЕРБАТА
Никаде, одговорно тврдам, НИКАДЕ тие резултати не се показател на работата на наставниците и не се основа за определување на платата на наставниците. Во сите образовни системи во кои се спроведува екстерно тестирање има критики токму заради начинот на кој се изработуваат и подготвуваат овие тестови. Системот на награди и казни (осмислен кај нас) заснован врз резултатите од екстерните тестови, е причина повеќе да укажеме дека вака осмислените прашања на екстерните тестирања, се научно погрешни и не можат да бидат мерило и веродостојна проверка на годишната оценка која е резултат на знаења, умеења, способности, вештини, проектни активности, успеси на натпревари, ставови,залагања, особини (одговорност, совесност, чесност, хуманост...).
“Изминатите десетина години, имавме обуки со посебна тема:оценување на учениците. Блумовата таксономија (според насоките на советниците од БРО) е одамна вградена во тестовите со кои вршиме интерни проверки на учениците. И замислете, екстерен тест со 30 однапред дадени прашања, со препознавање точен одговор (според Блумова таксономија, за оние што не знаат, тоа е оцена Доволен 2 зашто е на ниво препознавање или репродукција, народски кажано папагалско знаење) и врз основа на резултатите од истиот ученикот добива оценка во свидетелство (која најчесто не е реална) а наставникот добива отстапки од годишната оцена и автоматски реперкусии по неговата плата која ќе се намали за 15% во траење од дванаесет месеци”- велат наставниците.
На претставниците на Владата им порачуваат да ги истражат другите образовни системи и да се уверат дека ваков начин на награди и казни не постои бидејќи како што велат целата структура на системот на казни и награди, како и системот на професионален и кариерен развој на наставниците е заснован на погрешни основи-врз резултатите од екстерното тестирање. Оттука треба да се бара нов модел за јакнење на образовниот систем, но заснован на почит, уважување, свест, култура, советување,преиспитување, креирање вредности.
“Казните според новите законски решенија се благо речено бесмислица. Но трагикомичноста во целата оваа состојба е што тоа сега за сега е наша реалност. Во секоја европска земја, казните се пропорционални на платите. Кај нас за неводење соодветно евиденција, наставникот може да биде казнет со глоба во износ од 1500 евра. Ви се молам, мојата плата е 21.000 денари. Кажете ми има ли некој кој гледа логика во сето ова?! Во контекст на ова, размислуваат ли владините службеници од ресорните министерства, кој нормален ќе сака да се запише на факултетите кои образуваат наставни кадри и ќе сака да стане наставник? Изминатите две децении образовните политики одеа од една крајност во друга. Акредитирање на факултети, хиперпродукција на кадри, отсуство од анализа на пазарот на трудот, голем број невработени. Во време на формализам, наставникот престанува да ја извршува суштинската работа и се претвора во администратор. На Вашето прашање ќе одговорам потврдно. Да, наставникот денес води целосна документација за да ги избегне казните, многу често на штета на подготовките за жива и интересна настава”- објаснуваат наставниците.
За враќање на доверба во системот, потребно е велат враќање на сила на претходните Закони за основно, средно и високо образование, затоа што новите законски решенија за нив се целосно неприфатливи, неодржливи и некомпатибилни за системот на образование. Без учество на практичарите, без отворање широка јавна дебата, усвојувањето на законите за образование, порачува наставниот кадар, не може да има основа за градење квалитетен образовен систем кој првенствено ќе промивира демократски вредности и ќе произведе квалитет на пазарот на трудот.
С.Б.
Слично
