Сите од платите и пензиите ќе издвојуваат за да се санираат штетите од поплавите
Властите во Република Српска воведуваат посебен „придонес за солидарност“. Секој работник од својата нето плата ќе издвојува 1,5% за да се соберат пари со кои ќе се санираат штетите од катастрофалните поплави што зафатија делови од земјата, објави премиерката Жељка Цвијановиќ.
Исто така, на сите пензионери ќе им се задржува од една до пет конвертибилни марки месечно, во зависност од висината на пензиите.
„Придонесот за солидарност е дефиниран како најмало можно оптоварување, а сепак сите ние, како жители на Република Српска, солидарно да придонесеме за загрозените. Тоа е помош од човек за човек“, изјави Цвијановиќ.
На синоќешната седница, Владата на Република Српска по итна постапка утврди сет закони со кои се дефинираат мерки за ублажување на последиците од поплавите, како и предлог-закон за формирање на Фонд за солидарност за обнова на Република Српска.„Обемот на штетата во Република Српска ја надминува можноста на буџетот на републиката и на локалните буџети, па затоа е неопходно да се приберат средства од други извори за што побрзо да се санира штетата и да се овозможи економски раст на земјата, како и да се надмине тешката ситуација предизвикана од поплавите“, стои во владиното соопштение.
Најпогодените општини во Република Српска Добој и Шамац се очекува да добијат поголем дел од средствата во Фондот.
