Економија, финансии, бизнис

Контакт

СИТЕ НА ПЕЧАЛБА: Хрватите во Германија, а Македонците пак во Хрватска

СИТЕ НА ПЕЧАЛБА: Хрватите во Германија, а Македонците пак во Хрватска

Се зголемува бројот на Македонци кои заминуваат на работа во Хрватска, за разлика од Хрватите кои целат кон Германија и Ирска каде платите се повисоки, а во меѓувреме во нивната матична земја недостигаат повеќе профили,  но најпотребни се градежните работници.

Работа има во Загреб, но и во помалите градови. Платите варираат, но секако се поголеми од македонските и на тој начин на Македонците им се исплати да ги заработат парите во Хрватска, а да ги потрошат дома во Македонија.

„Веќе недела дена сум во Пула и ќе работам во градежништво. Платата ќе ми биде 1200 евра, а околу 300 евра ќе ми бидат потребни за храна. Хрватите се претежно во Германија, и сега им требаат работници од повеќе струки. Во Македонија работев сосема во друга бранша во приватен сектор“- вели млад Македонец од внатрешноста кој оставил сигурна работа надевајќи се на подобра заработка.

Некои веќе заминале, а други се подготвуваат да заминат преку колеги, блиски, познаници онаму каде што ќе им се укаже шанса за работа.

„Ми нудат по 25 куни од час, 3 евра дневно за храна и обезбедено сместување во помал град. Добар мајстор кај нас може да заработи по 500 евра месечно, а кај нив нудат по 800 евра. Познавам десет луѓе кои заминаа и веќе се таму месец дена, а јас сè уште сум во фаза на размислување“ – вели друг градежен работник.

Јосип Врдољак, Хрват кој е надвор од Хрватска во потрага по работа вели дека во главниот град и во Далмација има најмногу работа. 

Се очекува дека во наредните 10 години од Хрватска ќе се иселат еден милион граѓани. Во последните неколку години многу млади се иселиле од земјата, а покрај нив, се селат и луѓе кои се на возраст од 50 години.

Бројката на работници кои ѝ се потребни на Хрватска е од 14000 до 17000 на годишно ниво, и овој недостиг на кадар земјата мора да го „увезе“.

Се бараат готвачи, келнери, возачи, економисти, медицински сестри, чистачи, продавачи и друго.

„Криза за работници“ има и во лето, кога туристичката сезона е во полн ек. 

Според хрватските медиуми во четвртиот квартал просечната плата била 5.586 куни и била за 1% повисока од претходниот квартал, или за 2% повисока од истиот период лани. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести