Економија, финансии, бизнис

Контакт

Сите марш во администрација?!

Сите марш во администрација?!
Оваа политика не е лоша, ем чиниш добро дело на луѓето, ем тоа го правиш со народни пари. Или како што би рекле, ем волкот сит ем овците на број. Но да не се лажеме, тоа е така доколку не гледаме подалеку од „мевот“. Прашање на време е кога со свој камен ќе си удриме по своја глава. Не е возможно бесконечно да регистрираш издадоци за непродуктивни вработувања, а во недоглед да живееш среќно и весело. Како одговор на политичкиот земјотрес, владата со „шаховски потег“, донесе одлука сите хонорарци, и вработени на одредено време  во администрацијата , веднаш да се ангажираат на неопределено време. Речено сторено, но без да биде објавена  динамиката на спроведување на ваквата одлука со која ќе бидат опфатени околу 3000 лица. Се предвидува реализација на проектот во три етапи. Најстарите се трансформираат  веданш, втората група од  1 .12.2015 и третата група односно најмладите сега вработени на определен време ќе го  трансформираат својот статус  од 1.9.2016 година. Но стимулирањето на вработувања со парите од буџетот не застанува тука . Имено, со новиот Оперативен план  за вработување за 2015 ќе бидат опфатени 16.226 невработени лица од што Владата очекува околу 8.200 директни вработувања. За спроведување на Оперативниот план е предвиден буџет од 660 милиони денари. Анализата на работодавачот покажала дека од 8.200 - те директни вработувања,  3.200 лица треба да бидат вработени преку активните мерки за вработување, а 5.000  млади  лица до 29 години преку мерката за ослободување на придонеси за 12 месеци  за приватните компании. За вицепремиерот Пешевски покрај квалитетот при вработувањето тие ќе воделе сметка и за еднаквоста во родовата застапеност . „- Приоритет за учество ќе се доделува исклучиво врз основа на критериумите утврдени за секоја одделна услуга и програма, а како важно правило во сите услови и програми ќе се настојува да се постигне еднаква застапеност на мажите и жените и стапка на учество на младите до 29 години од најмалку 30 проценти“, е ставот на вицепремиерот Пешевски. И на Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов му е јасно дека квалитетот на ново вработените и транспарентноста се критериуми кои што мора да се испочитувани. Според Спасов – „Упатувањето на невработените до услугите и програмите за вработување ќе се врши врз основа на јавни повици за аплицирање што ќе бидат отворани во текот на целата година, како и со  посредување“. Со невработените кои се активни баратели на работа евидентирани во регистарот на невработени на АВРМ и ги исполнуваат критериумите утврдени  со програмите, ќе се контактира на повеќе начини, телефонски, преку смс пораки, со електронска порака и ќе им се понуди  учество  во соодветна мерка и програма. Од Агенцијата за вработување ни останаа уште должни да ни биде презентирана и статистиката на месечните примања кои ќе ги остварат нововработените кадри, посебно оние кои ќе бидат ангажирани во приватниот сектор. Тоа е корисно за пресметување на квалитетот на животниот стандард на вработените кој се ангажирани надвор од администрацијата . Р.Ф.
Слично

Поврзани вести