СИТЕ ДЕТАЛИ ЗА „ТОРТУРА”: Како се местеше апсењето на Љубе Бошкоски
Апсењето на претседателот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски е главен предмет на истрага во новиот случај „Тортута”, што денеска го покрена специјалното јавно обвинителство.
Според СЈО, Алфите се изживувале врз Љубе Бошкоски за време на апсењето поради политичка одмазда и затоа е покрената истражна постапка против тогашниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и шестмина припадници на посебната полициска единица.
„Бескрупулозно“, „нечовечно“, „дискриминаторско“, „понижувачко“, „сурово“ се термините со кои обвинителката на Специјалното јавно обвинителство, Фатиме Фетаи го оквалификува апсењето Бошкоски во 2011 година, ден по изборите.
Обвинителката Фетаи објасни дека за време на апсењето, во периодот од 14 и 30 часот до 16 часот, полицајците се однесувале нечовечки и вулгарно кон Бошкоски, пред скопскиот ресторан „Воденица“.
По наредба на командантот на единицата, Алфите го легнале на земја, го удирале по нозете држејќи го за рацете, иако не давал никаков отпор при апсењето.
Според СЈО нарачател на тортурата е поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), а беспоговорни извршители биле шест членови на Алфите, меѓу кои и командантот на оваа посебна полициска единица.
Обвинителството не побарало одредување на мерката притвор за првоосомничениот бидејќи било проценето дека нема основи за тоа и дека нема опасност тој да ја напушти земјата. За останатите шестмина осомничени побарана е „мерка на претпазливост“ која предвидува нивните надредни во МВР да водат сметка дали и какви задачи ќе добијат.
Инаку, лривичниот законик предвидува казна затвор од три до осум години за тој што во вршењето на службата ќе употреби сила, закана или друго недопуштено средство и кај друг ќе предизвика душевно страдање..
Бошкоски беше уапсен и подоцна осуден за нелегално финансирање на кампањата и ги издржува последните денови од петгодишната затворска казна.
