Економија, финансии, бизнис

Контакт

Сите детали за акцијата „Титаник”

Сите детали за акцијата „Титаник”

Специјалното јавно обвинителство денеска ја започна првата акција под кодно име „Титаник” во која високи државни функционери се осомничени за изборни измами.

Во неа, како што информираа од Специјалното обвинителство, биле отворени истражни постапки против поранешните министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески како и против секретарот на Владата, Кирил Божиновски, за злосторничко здружување, повреда на избирачко право, повреда на слободата на гласање, поткуп и за уништување избирачки материјал, а сè за фалсификување на изборите.

Двајцата поранешни министри Јанкуловска и Јанакиески денеска беа на распид пред Кривичниот суд. Претходно, пред истражен судија беше изведен и градоначалникот на Пусец, Едмонд Темелко, за кого постои сомневање дека бил организатор на издавање на лични карти и спроведување на лицата од Пустец да гласаат во Македонија.

За тројцата осомничени, судијата на предистражна постапка ќе треба да одлучи дали ќе му одреди мерка притвор, како што бара Специјалното јавно обвинителство.

Во првиот случај „Титаник”, специјалното јавно обвинителство побарало притвор за уште седум лица.

Обвинителката Фатиме Фетаи изјави дека постои основано сомнение оти поранешните министри, заедно со други лица, го искористиле влијанието и на локално и државно ниво создале група, за вршење кривични дела, за да овозможат победа на одредена политичка партија на изборите, како и да интервенираат во избирачкиот список во корист на партијата од која доаѓаат.

- Луѓе влегувале во избирачкиот список на незаконски начин. Прво биле фотографирани на едно место, а добивале лична карта на друго место. Добивале матични броеви, а не станува збор за новороденчиња. Дури отпосле обезбедувале живеалиште или престојувалиште, а нотари заверувале договори за закуп надвор од процедурата – објасни Фетаи.

Во центарот на изборните манипулации, според специјалните обвинителки, било Министерството за внатрешни работи, чија тогашна министерка, Гордана Јанкулоска, ја „впрегнала целокупната човечка и техничка инфраструктура за да го состави избирачкиот список по волја на интересите на партијата од која доаѓа“.

Во Специјалното обвинителство утврдиле дека од МВР за таа намена биле издадени 15 илјади нови матични броеви, 35 илјади лични карти кои не се подигнати од барателите, и прифатени се повеќе од 60 илјади нови државјани. Фетаи најави дека за „за улогата на дијаспората и конзуларните претставништва ќе се отвори посебен предмет“.

Отворени се постапки и против пет судии на Управниот суд и против четворица членови од составот на Државната изборна комисија (ДИК) од 2013 година.

Од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ акцијата на специјалното јавно обвинителство ја oценија како „политички настап” и порачаа дека нивните функционери ќе докажат дека се невини.

Од американската амбасада пак, ги повикаа властите да ги исполнат највисоките стандарди на владеењето на правото, транспарентноста, праведноста, заштитата на слободата на говор и независноста на судството како што се движат напред овие случаи.

Слично

Поврзани вести