Дали ВЛЕН со ресорот Правда ќе докаже дека не е „декор“ во кабинетот на Мицкоски - Анализа со Јонузи
Христијан Мицкоски и натаму вложува политички капитал во ВЛЕН и во првата реконструкција на Владата по две години од мандатот на овој владин партнер ќе му додели ресор повеќе, односно ќе им го додели и управувањето со Министерството за правда. Надвор од дневнополитичките драмолетки околу самата реконструкција, многу поважни се политичките ефекти кои ќе се одразат најверојатно на следните избори, а во меѓувреме ќе покажат дали овој владин состав има капацитет да се справи со општествените проблеми и неопходните реформи.
„Во политиката ретко постои само една причина за реконструкција на владата. Вообичаено, ваквите процеси имаат двојна димензија, од една страна се настојува да се подобри функционирањето на институциите, а од друга страна се испраќа политичка порака до јавноста дека владејачкото мнозинство е подготвено да реагира кога ќе оцени дека има простор за подобри резултати“, вели новинарот и аналитичар Дестан Јонузи за Фактор.мк. Според него, единствено резултатите ќе покажат дали реконструкцијата и улогата на ВЛЕН во истата ќе бидат оправдани.
Откако ВЛЕН се регистрираше како единствена политичка партија за првпат ќе предложи министри и функционери во најавената реконструкција на Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски. Дали овој факт ја промени преговарачката позиција на ВЛЕН во владината коалиција?
Јонузи:Регистрацијата на ВЛЕН како единствен политички субјект е значаен чекор во процесот на политичка консолидација. Со тоа се затвора периодот во кој коалицијата функционираше како сојуз на повеќе партии со различни центри на одлучување, а се отвора нова фаза во која политичката одговорност и преговарачкиот капацитет се концентрирани во една организациска структура.
Од аспект на коалициските односи, тоа му овозможува на ВЛЕН појасна и поконсолидирана позиција во разговорите со владините партнери. Сепак, во секоја владина коалиција, политичката тежина не се определува само според организациската форма, туку и според способноста да се испорачуваат резултати, да се обезбеди стабилност и да се придонесе кон реализацијата на владината програма.
Реконструкцијата ќе биде првиот сериозен тест за новата структура на ВЛЕН. За првпат јавноста нема да ја оценува како коалиција од повеќе партии, туку како единствен политички субјект. Тоа значи дека и политичките успеси и евентуалните неуспеси директно ќе влијаат врз кредибилитетот на партијата.
Затоа, регистрацијата не е само административен чин, туку почеток на нова политичка фаза во која очекувањата, но и одговорноста на ВЛЕН, ќе бидат значително поголеми.
Дали самата реконструкција е скроена за владејачките партии подобро да се постават пред следните парламентарни избори за кои има шпекулации дека може да бидат и вонредни или пак за вистинско освежување на владиниот состав и смена на кадрите кои не испорачаа соодветни резултати?
Јонузи:Во конкретниот случај, реконструкцијата доаѓа по две години од формирањето на Владата, што е доволен период за да се направи политичка и институционална оценка на работењето на министрите и директорите. Доколку промените се засноваат на критериуми како ефикасност, отчетност и реализација на програмските цели, тогаш тие можат да придонесат за подобрување на работата на Владата.
Во исто време, не може целосно да се исклучи ниту политичката димензија. Секоја реконструкција има влијание врз перцепцијата на јавноста и врз позиционирањето на политичките партии пред идните изборни циклуси. Но, доколку промените останат само кадровски, без суштински реформи и подобри политики, нивниот ефект ќе биде ограничен.

Кои се најголемите слабости на ВЛЕН досега, и дали како една политичка партија истите може да ги надминат. Дали внатрешните конфликти какви што беа примерите со министрите Лимани, Фетаи и други функционери значеше дека повеќе мислеа на своите фотелји отколку на обврските кон граѓаните?
Јонузи:Најголемиот предизвик со кој се соочи ВЛЕН во изминатиот период беше процесот на трансформација од предизборна коалиција во единствен политички субјект. Таквите процеси секогаш носат различни ставови околу организацијата, распределбата на одговорностите и начинот на политичко функционирање. Тоа не е специфичност само за ВЛЕН, туку е карактеристично за речиси сите политички обединувања.
Јавните несогласувања меѓу одделни функционери несомнено оставија впечаток дека во одредени моменти внатрешните односи добија поголемо медиумско внимание отколку владините политики. Тоа негативно влијаеше врз перцепцијата кај дел од јавноста, без оглед на причините што стоеле зад тие несогласувања.
Од друга страна, регистрацијата на ВЛЕН како единствена партија може да се гледа како обид тие слабости да се надминат преку појасна хиерархија, покоординирано носење одлуки и поголема политичка дисциплина.
Дали конфликтите биле мотивирани од лични амбиции или од различни политички концепти е прашање на кое најдобар одговор можат да дадат самите актери. Но, во политиката јавноста најчесто не ги оценува мотивите, туку резултатите. Ако новата организациска структура обезбеди поголема ефикасност и подобри политики, тогаш овие внатрешни турбуленции постепено ќе останат зад нив. Доколку, пак, продолжат истите практики, критиките неизбежно ќе продолжат.
ВЛЕН доби ресорплус со Министерството за правда. Дали партијата има капацитет да испорача реформи во борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и реформи во правосудниот систем, кој и натаму е меѓу најслабо оценетите области во европските извештаи? Или ова е само политички потег за зајакнување на позицијата на ВЛЕН во Владата и одговор на критиките дека е само „декор“ во кабинетот на Мицкоски?
Јонузи:Министерството за правда е еден од најчувствителните ресори во секоја влада, особено во земја како С. Македонија, каде што реформите во правосудството со години се меѓу главните услови за напредок во процесот на европската интеграција. Затоа, преземањето на овој ресор претставува повеќе политичка и институционална одговорност отколку политичка придобивка.
За ВЛЕН ова е можност да покаже дали може да премине од предизборна реторика кон конкретни институционални резултати. Борбата против корупцијата и организираниот криминал не зависи само од Министерството за правда, туку и од функционирањето на обвинителството, судството, истражните органи и независните институции. Затоа, јавноста нема да очекува брзи решенија, туку јасни чекори, доследност и политичка волја за спроведување на реформите.
Во однос на критиките од опозицијата дека ВЛЕН е само „декор“ во Владата, тие се дел од вообичаената политичка конфронтација. Таквите оценки не можат да се потврдат или демантираат со политички изјави, туку исклучиво преку конкретни резултати. Ако Министерството за правда успее да иницира суштински законски реформи, да придонесе за поголема независност на институциите и да ја зајакне борбата против корупцијата, тогаш тие критики ќе изгубат тежина. Ако тоа не се случи, критиките ќе останат дел од политичкиот дискурс.
Оттаму, Министерството за правда ќе биде еден од најважните показатели според кои ќе се оценува не само работата на ВЛЕН, туку и кредибилитетот на целата владина коалиција во делот на владеењето на правото.
Реконструкцијата е можност да се исправи курсот на владиниот брод, но дали се доволни само министерски рокади и нови назначувања? Има ли овој владин состав капацитет да ги исполни ветувањата и да ја стави земјата на побрза траекторија на економски развој, институционални реформи и остварување на стратешките цели?
Јонузи:Реконструкцијата сама по себе никогаш не е гаранција за успех. Таа може да биде почеток на нов политички импулс, но само доколку биде проследена со поинаков начин на управување, поголема институционална ефикасност и јасно дефинирани приоритети.
Северна Македонија во моментов се соочува со повеќе паралелни предизвици, забавен економски раст, потреба од подобрување на животниот стандард, реформи во правосудството, енергетска сигурност, задржување на младите и деблокирање на евроинтегративниот процес. Овие прашања не можат да се решат само со промена на министри, туку бараат функционални институции, политичка стабилност и континуитет во спроведувањето на реформите.
Владата сè уште располага со политички легитимитет и парламентарно мнозинство за да ги реализира своите програмски определби. Но, времето во кое граѓаните прифаќаа политички ветувања без конкретни резултати сè повеќе останува зад нас. Денес јавноста очекува мерливи ефекти, подобри јавни услуги, нови инвестиции, повисок животен стандард, поефикасно судство и појасен напредок кон Европската Унија.
Токму затоа реконструкцијата треба да се сфати како можност за нова динамика, а не како политички маркетинг. На крајот, секоја влада се оценува според тоа што реално испорачала, а не според бројот на сменети функционери. Доколку реконструкцијата резултира со поефикасни институции и поконкретни политики, таа ќе ја оправда својата цел. Во спротивно, ќе остане само уште една кадровска промена без суштинско политичко значење.
Х.С.