Синоличка Трпкова: МРТВ е добро дотеран и нашминкан мртовец
За да стигнеме до граѓанско општество не е на одмет да имаме и по некој „генерал“ со мадиња, вели за Фактор Синоличка Трпкова, коментирајќи ги случувањата со МРТВ.
Фактор: На што ви личи денеска јавниот сервис, МРТВ?
Трпкова: На нешто кое што под принуда мораш да го гледаш(следиш) за да одговориш на прашањето. Јас не сум аналитичар за да морам да се измачувам гледајќи МРТВ, за потем да напишам анализа. МРТВ сосем ја изгуби гледаноста. Неа ја гледаат луѓе кои немаат избор. Јас не сум од нив. Јас сакам и морам да имам избор. Јас се борам да има пристоен информативен сервис, со едукативна и забавна програма на европско ниво. Тоа МРТВ била некогаш. Таа со сите нови техники и опреми е како добро дотеран и нашминкан мртовец, кога веќе морам да компарирам.
Фактор: Колку е блиску или далеку МРТВ од вистински јавен сервис?
Трпкова: Па јас знам како изгледа холандскиот јавен сервис, кој е огледало на холандските граѓани. Така и нашиот јавен сервис е огледало на она што сме сите ние - нашминкани мртовци, кои со нетрпение, очекуваат да бидат погребани под „бетонот“ пред да засмрдат.
Фактор: Ќе успее ли Македонија да го деполитизира јавниот сервис и како е возможно тоа да се направи во вакви услови?
Тркова: Потребен е рестарт, како кога инсталираш нова „програма“ на компјутер. Но, за да дојде до тоа - еден ќе мора да биде похрабар од другите за да го искорне „штекерот“! Велат во граѓанско општество не биле потребни Генерали. Се согласувам апсолутно! Но, за да стигнеме до граѓанско општество не е на одмет да имаме и по некој „генерал“ со мадиња. Оти освен ум, на преплашените граѓани до коска, им е потребно некој да им влее пред се храброст. А што да се прави, кога таква ни била семката.
Слично
