СИНДИКАТОТ ПРОГЛАСИ ГОЛЕМА ПОБЕДА - Апелациониот суд го врати предметот за „Баргала“ на повторно судење, ќе се открие дали работниците имале неисплатени плати
Предметот за Баргала, со одлука на Апелационот штип, е вратен на повторно судење. Судот во повторната судска постапка треба да утврди дали работниците имаат неисплатени плати.
„По жалба на Сојузот на синдикатите на Македонија и доверителите - работниците кои беа предлагачи за отварање на стечајна постапка над должникот Друштво за производство и трговија за чевли БАРГАЛА АД Штип, Апелациониот суд во Штип со Решение ја усвои жалбата на ССМ и Решението на Основниот суд Штип СТ.12/21 го укина и предметот го врати на повторно судење.
Со Решението, Апелациониот суд го задолжува Основниот суд во Штип при повторното постапување со сигурност да утврди дали доверителите – работниците имаат доспеани, а неплатени парични побарувања врз основа на важечки основи за плаќање ( дали исплаќал плата во износ и висина утврдена во согласност со Закон и колективен договор) и дали должникот е неспособен за плаќање повеќе од 45 дена од која било негова сметка кај кој било носител на платниот промет“, се вели во соопштението од ССМ.
Додаваат дека судијата Емил Пилатов кој во тој период во врска со поднесеното барање за отварање на стечајна постапка во Баргала, во изјава за медиумите кратко одговорил: - „Нема стечај засега, ќе чекаме Апелација што ќе каже“ го добил одговорот од Апелациониот суд, кој со Решение ја усвоил жалбата на ССМ и Решението на Основниот суд Штип го укинал, а предметот му го вратил на повторно судење, заради, како што велат, суштествени повреди на постапката со оглед на тоа што причините се нејасни и контрадикторни врз основа на кој судел судијата.
„Иако за сите државни институции и за ССМ, работењето во Баргала АД Штип е скандалозно и без почитување на законите во државата, судијата Емил Пилатов и привремениот стечаен управник Пепи Панев дозволија да страдаат околу 300 вработени и нивните семејства, оставени без плати, со незаконски отказни решенија и без стабилен статус и егзистенцијална иднина што се потврдува и со оваа пресуда.
Кредибилитетот и независноста на Основниот суд во Штип со ваквите судии и ваквите пресуди е сериозно нарушен, а очигледно е развиена мрежа од поединци судии и стечајни управници која слугува на газдите на АД Баргала и дозволуваат работниците со месеци да гладуваат и покрај решенијата за исплата на неисплатените плати и решенијата за враќање на работниците и работничките на своите работни места“, се вели во соопштението од Синдикатот.
