СИНДИКАТОТ ПОВИКУВА: ДО СИТЕ БРАТСКИ СИНДИКАТИ, СТЕЧАЈЦИ, ПЕНЗИОНЕРИ - дојдете во недела на протест за сите работнички права
Најголемиот и најрепрезентативниот синдикат во земјава, ССМ, се обрати до сите, како што ги нарекува, братски синдикати, но и до сите работници, граѓани и пензионери, да му се придружат на протестот што ќе го организира во недела, организиран за доцнењето на неработната недела но и за зголемување на минималната плата, како и во битката за остварување на сите бработнички права.
„Се обраќаме до нашите братски синдикати, до сите работници и граѓани (пензионери, стечајни работници, невработени, студенти) на оваа држава, да ни се придружат и да ни дадат поддршка, односно безрезервно да ни се приклучат во сите активности што на овој план ќе ги преземеме во наредниот период. Сите ние, некогаш сме билe, сега сме или ќе бидеме работници, па поради тоа потребно е да застанеме сите заедно, рамо до рамо, зошто колку сме побројни, толку сме посилни и погласни за обезбедување на нашите права“, пишуваат од Сојузот на синдикатите на Македонија во својот допис до јавноста.
Велат дека се предизвикани и поттикнати од актуелната општествено економска социјална состојба, и недостатокот на слух од страна на државните институции за навремено поднесените барања на ССМ како единствен репрезентативен синдикат во Државата.
„Поради ова ССМ повикува и организира протест заради исполнување следните барања:
Усвојување на измените и дополнувањата на Законот за работните односи со кои се прогласува недела за ден на неделен одмор согласно договореното на Економско-социјалниот Совет по пат на социјален дијалог.
Измена и дополнување на Законот за минимална плата со која ќе се спречи минималната плата да изнесува под 60 отсто од просечната плата, односно таа да се зголеми најмалку на 18.000 денари и да се предвиди решение со кое и останатите плати ќе го следат растот на минималната плата.
Потпишување на Општиот колективен договор за јавниот сектор и потпишување на Општ колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството“, нагласуваат од синдикатот.
Како што веќе објавија, протестот почнува на 12.12.2021 година во 12.12 часот пред зградата на Сојузот на синдикатите на Македонија во Скопје.
Слично
