Економија, финансии, бизнис

Контакт

Синдикатот на полицијата бара оценка од Уставен суд: Работата за Велигден без надомест е дискриминација

Синдикатот на полицијата бара оценка од Уставен суд: Работата за Велигден без надомест е дискриминација

Уставен суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на дел од Законот за празници, бара Независен синдикат на полицијата.

Во иницијативата се наведува дека актуелното законско решение создава нееднаквост меѓу работниците, особено кај оние во служби со дежурства, како што се полицијата и сличните служби.

Според подносителот, проблемот произлегува од фактот што како неработен ден за Велигден е утврден само вториот ден, додека првиот – кој има најголемо верско значење – не се третира како празник.

Тоа, како што се посочува, ги става вработените во дежурните служби во неповолна положба.

  • работат на најзначајниот ден од празникот
  • немаат право на празнична дневница
  • немаат реална можност да го одбележат празникот

Од синдикатот оценуваат дека ваквата состојба претставува индиректна дискриминација, бидејќи формално неутрална законска норма во пракса создава нееднакви последици за одредена група работници.

Во иницијативата се наведува дека со тоа се повредуваат повеќе уставни начела, меѓу кои:

  • еднаквоста на граѓаните пред закон
  • правото на работа и соодветна заработувачка
  • слободата на вероисповед

Дополнително, се повикува и на практиката на Европскиот суд за човекови права, според која државата има обврска да обезбеди баланс меѓу работните обврски и верските права на граѓаните.

  • Ваквата законска поставеност создава фактичка нееднаквост меѓу работници во идентична положба – се наведува во документот.

Синдикатот бара Уставниот суд да ги укине или поништи спорните одредби и да обезбеди еднаков третман за сите вработени, особено за оние кои работат во празнични услови.


Слично

Поврзани вести